Дизајнерката Росица Мршиќ со новата колекција за есен и зима 2018 година воведува романтичен и заводлив изглед на жените за овој период од годината. Таа ја развива својата идеја за оваа колекција инспирирана од парискиот шик и шарм во заводливата музика од албумот „Париз“ на Malcolm Mclaren.
Мекоста на силуетата, мазните текстури и клучните бои го одредуваат називот на оваа колекција. Во нежните и меки форми користени за разиграна динамика е вметнат препознатливиот геометриски израз на дизајнерката за постигнување јасна и дефинирана силуета.
Топлите виолетови и црвени тонови, бојата на лаванда и употребата на црната, белата и сивата боја додаваат суптилна деликатност на целосниот изглед. Дизајнерката употребува невообичаени плисирани структурни ткаенини, брокати, волнени и еко крзна за постигнување супериорна естетика на колекцијата.
„Velvet“ е 20-та сезонска колекција на Росица Мршиќ со која таа продолжува да им се обраќа на оние жени кои претпочитаат автентичен дизајн со кој се нагласува индивидуалноста и се постигнува препознатлива субтилна уникатност. Фотографиите од оваа колекција се направени со македонската актерка Наташа Петровиќ.
Колекцијата е наменета за продажба на домашниот и странскиот пазар во студиото на Росица Мршиќ, во продавницата Виа во Скопје, на онлајн продавницата на дизајнерката, и на други интернационални онлајн продавници.