еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ Убава приказна

(Фото) Првата водородна машина на „Брако“ ги чисти улиците на Утрехт

Утрехт е првиот холандски град кој од вчера ја одржува хигиената на своите улици и пешачки зони со помош на најновата зелена машина на „Брако“ од брендот „Грин машинс“, GM 500 H2, информираат од компанијата.

Станува збор за иновативна машина што работи на водороден погон, 100% еколошка, со 0 емисии на јаглерод диоксид и други штетни супстанции. Се движи и работи на електрична енергија, при што единствениот нус-производ e вода, која настанува од реакцијата на водородот во резервоарот и кислородот од воздухот.

Во ноември минатата година, „Грин машинс“ (Green Machines), компанија која е во сопственост на „Брако“, ја промовираше оваа машина на европскиот пазар, како револуционерен еколошки производ, паметен избор за паметни градови кои се грижат за животната средина и бараат одржливи решенија.

Неколку месеци по промоцијата, првиот примерок е испорачан во Утрехт, а се очекува многу наскоро GM 500 H2 да биде присутна и на улиците на Амстердам и Ротердам.

Холандските екологисти ја поздравија оваа одлука на локалната власт во Утрехт, потенцирајќи дека нема потреба горивото да се дополнува на станици за водород, бидејќи производителот нуди модел со флексибилен кертриџ-систем.

Тоа е навистина огромен адут на иновативната машина, бидејќи им овозможува пристап до најчистото гориво и на оние градови што немаат соодветна инфраструктура за полнење.

„Нема потреба од инвестирање во скапи системи за полнење водород. Празната водородна капсула може да се замени со нова на едноставен и безбеден начин, на кое било место и во кое било време„, забележува холандското еколошко здружение „Сè за водород“.

Од јавното комунално претпријатие на Утрехт потенцираат дека се стремат кон поголема одржливост на заедницата.

„Одлично е што сега можеме да користиме зелена и одржлива технологија за дневното чистење на јавните површини во центарот на градот. На овој начин преземаме иновативен чекор напред кон поголема одржливост на заедницата,“ велат тие.

Револуционерниот производ на велешки „Брако“ е резултатот од работата на тим од 15 инженери од нашата земја кои ја развија GM 500 H2 во соработка со инженери од Холандија. Покрај холандските градови, интерес за зелената машина веќе има и на американскиот и британскиот пазар, во Јапонија, скандинавските земји, итн.

Намалувањето на емисиите на јаглерод диоксид и обезбедување одржливи решенија е вградено во мисијата и визијата на „Грин машинс“. Најновиот член на семејството на зелените машини е продолжение на континуираните стремежи на компанијата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Убава вест: Оздравени 1.078 од Ковид-19, најмногу во Скопје 407

Редакција

СДСМ доби нов Извршен одбор: Кои се новите членови

Редакција

(Фото) Раде Трајковски Штекли излезе од болница

Редакција