Кралскиот колеџ во Лондон синоќа беше централното место каде во присуство на голем број пријатели ја одбележаваме 30 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, информираше министерката за култура Бисера Костадинова Стојчевска на нејзиниот Фејсбук профил.
„Интересот за концертот на пијанистот Дино Имери, кој настапи со познатиот хрватски пијанист Ведран Јањанин, со поддршка на македонската амбасада во Лондон и Министерството за култура, беше потврда за цврстото пријателство што го негуваме изминативе децении со Обединетото Кралство.
Пред присутните гости, меѓу кои беше и специјалниот пратеник за Западен Балкан на британскиот премиер, Лорд Пич, истакнав дека чинот на воспоставување на дипломатски односи меѓу двете земји отвори ново поглавје во нашето пријателство, взаемно почитување и искрена поддршка која ја добиваме од денот на нашата независност, на нашето осамостојување.
Во изминативе 30 години остварени се голем број соработки во сите области, но ја искажав и амбицијата дека сакаме да ја продолжиме и зајакнеме соработката во културата и уметноста, да ги исползуваме можностите од Спогодбата за соработка и во областа на културата, спогодба која е на сила од пред 2 децении, како и ползата од бројните билатерални договори за соработка во културата.
Британската публика, позната по својот истенчен и пребирлив вкус за уметноста, со забележлив интерес низ годините ги проследи продукциите од македонските уметници, а нашата земја се покажа како срдечен домаќин на сите британски автори кои настапуваат на нашите сцени,“ напиша меѓудругото Костадинова Стојчевска за овој настан.
Пијанистот Дино Имери истакна дека претставувањето на македонската култура во Кралскиот колеџ во Лондон поминало достојно и спектакуларно.
Фото: Фејсбук/Костадинова Стојчевска/Unsplash