Ноќниот клуб „Аватар“ од Струмица утринава е затворен од страна на Државниот пазарен инспекторат, информира за МИА директорот на Инспекторатот, Стојко Пауновски.
Инспекторите во петокот навечер извршија контрола на клубот и подготвија записник, а за вчера најавија и кривична пријава до Јавното обвинителство заради непочитување на здравствени прописи за време на епидемијата на Ковид-19.
– Инспекторите беа таму во петокот навечер, подготвен е записник и ќе биде поднесена кривична пријава заради тоа што ниту еден ноќен клуб во моментот не смее да работи, информираше Пауновски во неделата.
Од менаџментот на „Аватар“ во неделата посочија дека работат како кафе бар и на отворено и дека се придржувале до сите протоколи и прописи.
-Сакаме да ги демантираме информациите во кои се вели дека сме ноќен клуб. Не се работи за ноќен клуб, туку за кафе бар. Објектот е на отворено и работи согласно сите законски прописи.
Масите се на соодветно растојание, на сите има средства за дезинфекција, вработените постојано носат заштитните маски. Ние немаме надлежност да бараме гостите да носат лична заштита, тие самите одговараат за себе. Работиме на исти начин како и сите други угостителски објекти во градот.
Не сме единствените, скоро во секој втор локал во градот, кој е за неколку пати помал од нашиот, има слични забави, но за тоа никој не реагира и не споделува фотографии и видеа по социјалните мрежи.
Никој не реагира ниту за мешаниците што се прават на јавните површини каде треба да биде простор за движење граѓаните има поставено маси, а потребното растојание воопшто го нема, изјавија од „Аватар“.
МИА/Фото: МИА/Аватар/Фејсбук
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Обвинителството отвори предмет за организирана забава во угостителски објект во Прилеп
Кривична пријава за забавата во струмички „Аватар“, оттаму обвинуваат за селективност
(Видео) „Журки“ без маски во струмичкиот клуб „Аватар“