Се изгоре во текстилната фабрика Тила во Прилеп, а причините за пожарот кој се случи пред два дена се непознати.
-Причините за пожарот за жал се уште не се познати и се чека од страна на надлежните органи на утврдување на истите, како и на процена на направената штета. Во моментот на избивањето на пожарот фабриката не работеше и нема повредени, велат од фабриката на Фејсбук.
Брендот Тила е дело и креација на две сестри кои со помош на нивната семејна компанија конфекција Хатра во Прилеп започнаа со креирање и менаџирање на компанијата уште во своите рани 20ти години.
-Брендот Тила го градиме веќе 15 години и со години беше и е единствен македонски бренд на детска облека кој функционира професионално од типот на дизајнерските брендови. Создаден е со премногу љубов, преголем труд и чесна и макотрпна работа.
Тоа што ни се случи е премногу болно и тешко за нас бидејќи е вложен многугодишен труд и средства за да изградиме современа фабрика и висок стандард на квалитет на нашиот бренд со кој ќе се гордеат сите Македонци.
Сакаме да Ве информираме дека нашите продажни места и понатаму ќе продолжат со работа, а благодарение на нашите пријатели и нивната подршка производниот процес ќе го продолжиме во најбрз можен рок, велат сопствениците.
Фото: Фејсбук/Тила