Критичните точки на патот од училиштето до домот, беа мапирани од ученици од десетте основни училишта во Карпош, во рамки на проектот „Детективи на патот“ – Зелени стапалчиња.
Денеска, учениците – учесници во проектот имаа средба со градоначалникот Стефан Богоев и пред него ги презентираа главните препреки, критични безбедносни точки во сообраќајот на патот од нивниот дом до училиштето.
„Поставени се „лежечки полицајци“ пред училиштата: „Јан Амос Коменски“, „Димо Хаџи Димов“, „Вера Циривири Трена“ и „Братство“, а во тек е и поставување на вакви платформи и пред „Војдан Чернодрински“ и „Христијан Тодоровски Карпош“.
Исто така, минатата година учениците предложија „Прашка“ да биде еднонасочна и овој предлог веќе е реализиран, откако општинските служби, Градот Скопје и СВР Скопје утврдија дека е возможно такво сообраќајно решение.
Од оваа учебна година, пред сите училишта има и задолжени лица за регулација на сообраќајот, со цел да се овозможи полесен пристап на младите до образовната установа.
Учениците денеска споделија нови препораки и сугестии за надминување на проблемите. Зборуваа за обележување на пешачките премини, ослободување на тротоарите од возила, поголемо користење на велосипеди и електрични тротинети, засадување на ново зеленило, уредување на училишните дворови, нови детски игралишта и слично“, се вели во соопштението.
Извештајот од овој проект ќе биде презентиран и на Самитот за заштита на климатски промени на Обединети нации, којшто оваа година, од 2 до 13 декември, ќе се одржи во Мадрид, Шпанија.
Општина Карпош е единствената локална самоуправа од Македонија, која ќе биде застапена со презентација на проект на овој самит.
Фото: Општина Карпош