еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ ТОП СТОРИИ

(Фото) Венко Андоновски е добитник на престижната меѓународна Толстоева награда, за најдобар странски роман преведен на руски јазик

Венко Андоновски со романот „Папокот на светлината„ е добитник на меѓународната Толстоева награда „Јасна Полјана“ за 2023 година.

Романот е објавен во руски превод на еминентната македонистка, преведувачка на над 70 книги од македонски автори и афирматор на македонската култура, Олга Панкина. Олга Панкина ја доби годинешнава награда „Јасна Полјана“ за најдобар превод на руски јазик, за романот на Андоновски.

Ова, на вчерашната церемонија на соопштување на добитникот во Бoљшој театарот во Москва, го соопшти жирито составено од еминентни руски писатели: Владимир Илич Толстој (правнук на Лав Н. Толстој), Алексеј Варламов, Евгениј Водоласкин, Владислав Отрашенко и Павел Басински.

Од 30 номинации од 16 земји и 5 континенти, жирито во категоријата „странска литература“ се реши за потесен избор од осум наслови: „Палата на соништата“ на Исмаил Кадаре (Албанија), „Внука“ на Бернхард Шлинк (Германија, познат по романот и филмот „Читачот“), „Зимски војник“ на Даниел Мејсон (САД, познат по „Пијано штимер“), „Пиштарки“ на Фернандо Арамбуру (Шпанија), „Кожурец“ на Џанг Јуеран (Кина), „Звукот на нештата што паѓаат“ на Хуан Габриел Васкез (Колумбија), „Ветување“ на Дејмонд Галгут (Јужна Африка) и „Папокот на светлината“ на македонскиот писател Венко Андоновски.

Одлуката за наградата е донесена едногласно.

Со оваа награда, името на нашиот, македонски писател се придружува кон листата на досегашните добитници: Џулијан Барнз (Велика Британија), Ју Хуа (Кина), Рут Озеки (Kанада-САД), Орхан Памук (Турција), Марио Варгас Љоса (Перу), Патриша Данкер (Велика Британија), Хернан Ривера Летелиер (Чиле) и Амос Оз (Израел).

Меѓународната Толстоева книжевна награда „Јасна Полјана“, за најдобар странски роман преведен на руски е основана во 2015 година, а ја доделуваат Музејот „Јаснаја Полјана“ и „Самсунг Електроникс“.

Книжевниот подем на Андоновски на руското книжевно подрачје започна уште во 2007 година, кога за романот “Папокот на светот„ (повторно во превод на Панкина) ја доби наградата „Југра“ (најдобар роман од сите словенски книжевности преведен на руски јазик). Следуваа три изданија на романот „Азбука за непослушните“ (третиот е двојазичен, руско-македонски) и други признанија, меѓу кои и „Златен витез“ за драматургија, минатата година, кога Панкина преведе и објави на руски три негови драми.

Романот “Папокот на светлината“ го првообјави издавачот „Три“ од Скопје, и за девет месеци доживеа четири македонски изданија (4.000 примероци), а ја доби и наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Пред кризата 360.000 луѓе живееле во сиромаштија, а до крајот на годината бројката ќе се зголеми на 510.000

Редакција

А1 Business со најнова атрактивна понуда за деловните корисници

Редакција

Вељаноски: Ниту сум помислил, ниту сум кажал некому да ги отвори вратите од Собранието

Редакција