Претседателот Стево Пендаровски денеска го одликува Бигорскиoт манастир „Свети Јован Крстител“ со Орден за заслуги, за зачувувањето и за продолжувањето на илјадагодишната традиција и за придонесот во негувањето на духовното и на културно-историското наследство, за грижата за уметничките реткости и за постојаните социјални и хуманитарни активности.
„Нашата генерација има извонредно ретка можност да биде сведок на еден импресивен јубилеј каков што е 1.000 години од основањето на Бигорскиот манастир Св. Јован Крстител. Честа за мене е уште поголема што како претседател имам привилегија на манастирот да му доделам високо државно признание.
Бигорскиот манастир, надвор од било какво сомнение, е едно од нашите најголеми духовни светилишта, кое низ вековите, и денес, во континуитет претставува извор на писменост, на култура и уметност.
Бигорски не е само православен манастир и христијанско светилиште, тој од секогаш бил прочуен како место каде што помош, поткрепа, човечки збор и утеха можеле да најдат сите, без разлика на нивната верска, етничка или било каква друга припадност.
Историјата на манастирот, но, не помалку и неговата денешна, жива духовна и културна мисија и ангажман, лесно ги надминуваат државните граници и ги сплотуваат и обединуваат луѓето што е сигурно најблагородната можна кауза во светот од кој сме дел.
И да имате најдобра намера и желба, невозможно е само во неколку минути да ја опфатите илјадагодишната историја и традиција на овој храм и да кажете доволно за сите аспекти кои го прават делото на Бигорскиот манастир толку посебно и вредно,“ рече Пендаровски.
Тој додаде дека и покрај стравот од Ковид-19, токму илјадагодишната приказна на Бигорски не подучува дека животот не е само мед и млеко и дека како што вели народната мудрост, во секое лошо има и по нешто добро.
„Човековата историја памети и други апокалиптични собитија, но, човечкиот род секогаш излегувал возобновен со нови животни искуства. Така ќе биде и овојпат. Во борбата за порадосен и поисполнет живот, моќта на вековните крепости каков што е Бигорски, сигурно можат да ни послужат како дополнителна инспирација,“ додаде Пендаровски.
МИА/Фото/видео: Кабинет на претседателот