Македонското еколошко друштво (МЕД) информираше дека нивниот тим со помош на кафез-замка заловил нова единка од реткиот балкански рис во месноста Буковиќ, близу Стража.
„Eдинката е здрава женка, веројатно на возраст од две до три години, тешка 15 килограми. Ова е втора рисица (по Маја) што ќе носи околувратник и ќе биде пратена со методот на радиотелеметрија и GPS-следење. Рисицата претходно беше снимена лани на истиот локалитет со помош на фотозамки.
Таа засега е во добра состојба, а тоа го потврдуваат и првите лоцирања со помош на GPS-сигнал, кои ни го открија и нејзиниот прв плен по обележувањето – срндак уловен пред 4–5 дена. Честа да ја именуваат рисицата им припадна на нашите пријатели од ЛД „Сокол-З“, кои одлучија оваа убавица да ја крстат Нарциса. Нарциса, ти посакуваме богат плен и голем пород,“ информаираат од МЕД.
Фото: МЕД