еМагазин
Image default
CHECK IN ТОП СТОРИИ

(Галерија) еМагазин на грчкиот остров Хидра: Мир и за телото и за душата

Грчкиот остров Хидра последен пат го посетив баш пред стартот на пандемијата со Ковид-19 пред две години.

Она што најмногу ме фасцинира кога се во прашање грчките острови е што таму никогаш ништо не се менува. Старото јадро на гратчињата, селцата, наречете ги како сакате, е секогаш исто, нема нови градби, истите се таму со децении, па и векови (за тоа и повеќе вредат), што не е на пример случај со нашиот бисер Охрид, кој токму поради урбаната мафија, која е длабоко навлезена во стариот дел на градот е на ивица да го изгуби статусот на заштитетно подрачје на УНЕСКО.

Не дека на островите не се гради, но се знае точно каде и како.

Мир и за душата и за телото

На Хидра се останало исто, дури и сувенирите во продавниците се исти. Но, ги нема кризерите. Досега за цела сезона се појавиле едвај три. Кога бев во мај пред две години, во текот на еден ден пристигнуваа по неколку, па туристите од истите само за неколку часа оставаа илијадници и илјадници евра, промет за кој Охрид само може да сонува, иако ја има истата убавина.

Пандемијата со Ковид-19 ги смени работите.

Хидра е еден од најскапите грчки острови, но е поевтин од на пример Миконос или Санторини.

Островот важи за космополитски, ќе сретнете луѓе буквално од сите страни на светот, а сите тие доаѓаат овде поради мирот за телото и душата.

На островот нема автомобили, ни мотори, а и велосипедите што се вика се бројат на прсти.

Хидра е одлична дестинација за пешачење, а тоа Ви дава некоја посебна слобода, во која уживаат и животните на овој остров, па нема да биде никакво изненадување ако налетате на коњи, кои си се шетаат по островот, а мачките се разбира се дел од културата.

Во најтешка позиција се магарињата, кои освен чамците, се главното превозно средство.

Плажи

Плажите на Хидра се претежно карпести и со ситни камчиња. Имате неколку, да ги наречеме „градски“, кои се во близина на портата од левата страна и тие се одлични за мрзливите туристи.

Водата е кристално чиста и прекрасно и покрај близината на портата, што е за поздравување.

Бројни малечки плажи, на кои можете комплетно да уживате ќе најдете во селцето Vlichos, кое е на 2 километри од портата, па за 20-30 минути, со пешачење сте таму. Секако тука имате и неколку таверни, па можете да си организирате целодневно уживање.

Единствена целосно песочна плажа на Хидра е Мандраки, на околу 2 километри од портата од десната страна. Рака на срце ништо посебно, плус плажата е организирана, па престојот таму, може доста „солено“ да Ве чини.

И, да не заборавам. Не е познато само Станторини по прекрасното зајдисонце. Хидра е сериозен конкурент.

Цени

Кога патувате на остров во Грција имајте во предвид дека таму буквално се е поскапо отколку на копно. Од цените за кафе во кафуле до цени во супермаркет. Цените варираат зависно од тоа на кој остров одите.

Хидра, како што веќе напоменав е меѓу најскапите острови во Грција. Па така на пр. за сместување на ден треба да одвоите најмалку 80 евра за две лица во јули (цените се менуваат на две недели), за само две праски во супермаркет ќе Ви бидат потребни и повеќе од 80 денари…

Треба да се напомене дека за посета на грчки остров, поради пандемијата со Ковид-19, Ви се потребни речиси истите работи, како и за влез во Грција. Тест, доказ за вакцинација или прележан Ковид-19 и да имате 24 часа пред патување пополнето друг формулар, кој можете да го најдете на sea.travel.gov.gr.

П.С. Поради пандемијата бидете подготвени и за чекање ред во супермаркет, пекари…

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Галерија) еМагазин на грчкиот остров Спецес: Кочија може, автомобил не!

(Галерија) еМагазин на Порос: Шармантниот остров во близина на Атина, настанат од два острови

Фото: еМагазин

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Денешните политичари се слуги на дневно-политичките и геостратешки интереси, а не на државотворните, порача претседателот на МАНУ

Редакција

По новите мерки прометот на угостителите паднал за 30%

Редакција

Нови 159 заболени од корона вирусот од 2.018 тестирања, најмногу во Скопје и Куманово

Редакција