Под слоганот „Протест против реваншизмот и теророт на мафијата“ вечерва ВМРО-ДПМНЕ го одржа деветтиот тематски протест.
Лидерот на партијата Христијан Мицкоски во своето обраќање, ја повика меѓународната заедница да излезе и да ги слушне човечките судбини.
– Имаме силна дисторзија на вредностите во секаков поглед. Тоа мора да престане. Мора да престане теророт врз луѓето. Мора да престане тие да губат работа затоа што се припадници на некоја партија или мислат поразлично од власта, нагласи Мицкоски пред присутните.
Тој порача дека нема да бидеме поблиску до ЕУ, ако луѓето трпат тортура и реваншизам.
– Нема да бидеме поблиску до Европската унија кога луѓе трпат тортура и реваншизам. Европа таквите перјаници и кукавици кои го прават тоа ги реди на маргините и со лицето свртено и соочено со правдата.
Затоа како што кажав денеска протестираме од министерството за неправда до министерството за тортура, ова овде позади мене. За да кажеме дека народот го победил стравот и дека ќе паднат без оглед колку силно сега се држат заковани, залепени за нивните удобни фотелји, рече Мицкоски.
Тој ги повика граѓаните да им се придружат и на следните протести што ќе бидат од различен карактер и содржина.
– Да се исправиме пред неправдите, да си ја земеме судбината во наши раце. Затоа што никој не може да ни помогне ако самите не си помогнеме, рече Мицкоски.
МИА/Фото: ВМРО-ДПМНЕ