еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

(Галерија) „Златен септември“, месец за поддршка на децата со малигни заболувања: Годишно во земјава се откриваат 35-40 нови случаи

Во чест на сите деца кои се борат со малигни заболувања, денеска на Градскиот плоштад во Скопје се одржа настан во организација на Универзитетската клиника за детски болести, со кој се одбележа „Златен септември“ – месец за поддршка на децата со малигни заболувања, под мотото „Убаво е да бидеш јас“.

Целта на „Златен септември“ е да се подигне свесноста кај јавноста за овие болести кај децата и адолесцентите, за сите аспекти на нивната борба со канцер, како за времето поминато во болница така и за периодот по враќањето дома.

– Септември е месец за подигнување на свесноста за детските малигноми. Во нашата земја, најтешките случаи на деца кои имаат малигна болест се лекуваат на Клиниката за детски болести, благодарение на инфраструктурата и секако огромната експертиза којашто ја имаат лекарите кои работат на оваа клиника.

Во изминатиот период инвестиравме многу. Нема дете за коешто нема биолошка терапија. Успешноста на лекување на детските малигноми е над 80%. Во овој момент целосно се реновира одделението за детска онкологија. Малку се успорија работите поради коронакризата, меѓутоа договорена е динамика со којашто целосното реновирање треба да заврши на почетокот на 2021 година во месец јануари, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Филипче рече дека во соработка со здружението САНО, која започна пред 2 години се вклучија како волонтери сите деца кои прележале малигна болест за да им помогнат на дечињата кои сега се лекуваат на детската клиника. Преку психолошка поддршка, одредени активности како читање на книги, анимирање итн.

Д-р Наташа Најдановска Алулоска, директорка на Клиниката за детски болести, вели дека Одделот за хематологија и онкологија при Клиниката е единствена специјализирана педијатриска болница во земјава каде се дијагностицираат и лекуваат деца со малигна болест на возраст до 14 години.

-За дијагноза и лекување на хемато-онколошкото одделение се применуваат современи терапевтски протоколи во согласност со препораките на Интернационалната педијатриска асоцијација. Леукемиите во детската возраст се лекуваат согласно протоколи кои се применуваат во сите европски земји.

Со овие терапии, се постигнува излекување кај повеќе од 95 отсто од децата со акутна лимфобластна леукемија, успех со кој се гордееме. Им благодарам на моите колеги и медицински сестри кои работат на овие одделенија. За нив нема пауза и во време на пандемија, приоритет без исклучок имаат децата, изјави Алулоска и истакна дека за овие деца и во овој тежок период беше обезбедена терапија во континуитет и ниту една терапија не беше одложена.

Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести ги одобрија европските и светски протоколи за тестирање на децата за Ковид пред секое отпочнување на хемо-терапија, за да може терапијата да тече безбедно.

Во одбележувањето на „Златен септември“ се приклучија и повеќе млади лица лекувани од рак во земјава, кои во соработка со здружението САНО, поделија златни машни, едукативна брошура „Што е леукемија“, златни балони, како и заштитни маски. Златната боја на балоните означува боја на сила, храброст и истрајност, а воедно е симболична за децата кои се лекуваат од карциноми.

Годишно во земјава се откриваат 35-40 нови случаи на деца со малигна болест. Најчеста малигна болест во детската возраст е акутната леукемија, која се открива кај 30-35 проценти од децата од сите малигдни заболувања. Најчеста меѓу нив е акутната лимфобластна леукемија, АЛЛ, која се открива кај 80 проценти од децата со леукемии.

Од почетокот на 2020 година до денес дијагностицирани се вкупно 22 пациенти со малигна болест, од кои 14 деца се со акутна леукемија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Пуцко петрол“ го доби милионскиот тендер на „Улици и патишта“ за набавка на горива

Редакција

Костовски и странски експерти обвинија за незаконска шема меѓу банките во Македонија, која функционира од 2004

Редакција

Каков имот пријавил Александар Даштевски, претседателот на ДИК, за кого Антикорупциска отвори предмет

Редакција