еМагазин
Image default
МАКЕДОНСКО ТОП СТОРИИ

Голем успех за македонистиката – гарантирана нејзината заштита и самостојност на реномираниот ИНАЛКО во Франција

Во изминатите години се постигнати значајни резултати во зајакнувањето и афирмацијата на македонистиката во Франција, на реномираниот Национален институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО) во Париз, во чии рамки функционира лекторатот по македонски јазик, информираат од Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК).

“Но, сега се создаваат и нови перспективи за изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура – исклучително голем успех е вклучувањето на македонистиката меѓу ретките научни дисциплини во Франција!

Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ја поздравува одлуката за прифаќање на иницијативата за вклучување на македонистиката во француско-германскиот проект којшто има за цел да ги мапира ретките дисциплини во Франција и Германија.

Со ова, на реномираниот ИНАЛКО во Париз, македонистиката доби статус со којшто е гарантирана нејзината заштита и зачувување, но и нејзината самостојност – со неможност да се спои со други студии.

Едновремено, ова подразбира и можно проширување на студиите по македонистика, со обезбедена финансиска помош. МСМЈЛК при УКИМ, како и досега, постојано, преку лекторатот по македонски јазик на ИНАЛКО ќе го остварува својот максимум за изучувањето на македонистиката во Франција, како и за вложување во сите можности коишто ќе претставуваат нови перспективи за афирмација на македонскиот јазик, литература и култура“, велат од МСМЈЛК.

„Во период кога веќе ги планираме активностите за одбележување половина век изучување на македонистиката на ИНАЛКО во текот на следната година, од Париз пристигна оваа значајна вест, којашто радува, но и обврзува на уште поинтензивни натамошни активности.

На ИНАЛКО, македонистиката се изучува во рамките на сите циклуси академски студии – од лиценца до докторат. Веќе неколку години функционира и одделна професорска катедра за македонистички студии – првата професорска катедра за македонистика надвор од нашата земја.

Но, вклучувањето на македонистиката во олку важен проект и добивањето статус којшто дава гаранции и за нејзината иднина на ИНАЛКО е посебен успех – уште еден показател и на поддршката којашто македонистиката ја добива на оваа врвна образовна и научна институција во Франција“, истакнува директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Едновремено, таа упатува и одделна благодарност.

„Од името на МСМЈЛК при УКИМ, одделно упатувам голема благодарност и изразувам голема почит до проф. д-р Фроса Пејоска-Бушро од ИНАЛКО, којашто ја покрена и се залагаше за прифаќање на иницијативата македонистиката да биде препознаена како ретка дисциплина од страна на француското Министерство за високо образование и истражување и да биде вклучена во овој голем проект со одлука на научна комисија.

Но и не само за тоа, туку и за сите нејзини загалагања години наназад, со коишто се остварија низата успеси за македонистиката на ИНАЛКО, како и за севкупната поддршка за лекторатот по македонски јазик во остварувањето на неговата мисија.

Соработката со проф. д-р Пејоска-Бушро и нејзините залагања се еден од примерите коишто покажуваат дека содејството со поддржувачите и посветениците на македонистиката коишто се дел од академската средина на големите образовни и научни центри ширум Европа и светот е гаранцијата за перспективите на македонистиката на меѓународен план“, посочува директорката на МСМЈЛК при УКИМ.

Инаку, на ИНАЛКО, македонскиот јазик се изучува како главен предмет – три години додипломска настава, две години на вториот циклус студии, како и на школата за докторски студии. Лекторатот по македонски јазик работи од 1973 година, а во моментот лекторската настава ја изведува м-р Ѓоко Здравески.

Од париската Катедра за македонистика, МСМЈЛК при УКИМ очекува и тројца учесници на претстојната 55. Летна школа што ќе се одржи од 17 август до 2 септември во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид.

“Според досега достапните информации, француско-германскиот проект којшто има за цел да ги мапира ретките дисциплини во Франција и Германија се очекува да се прошири во сите европски земји, со што можностите за зајакнување и афирмација на македонистиката на универзитетските центри ширум Европа преку овој проект ќе бидат и поголеми“, велат од МСМЈЛК.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

13 лица од новите случаи на заразени со коронавирусот имале контакт со потврден случај

Редакција

(Фото) Почна чистењето на ОХИС: Првата тура опасен историски отпад пристигна во Базел

Редакција

За 275.000 евра продадени 3.000 акции од Комерцијална банка во две блок-трансакции

Редакција