Македонија ќе биде домаќин на најголемиот Божикен настан во регионот, на кој се очекува учество на околу 10 илјади деца од целата земја.
Денеска во Скопје, на плоштадот пред Црквата Св.Димитриј, во 11 часот ќе се одржува голема божикна мнаифестација со божикен концерт и божикна претстава на кои што ќе им претходи топол дочек на коледарчињата преку Камениот мост со бесплатни Бадникови чајчиња и колачиња за секое дете.
За Божикниот концерт ќе бидат задолжени: Елена Ристеска, Влатко Лозаноски, Викторија Лоба, Тамара Тодевска, Некст Тајм, Димитар Андоновски, Љубојна и Златно Славејче, а за Божикната претстава „Најдобриот подарок за Божик“ – ненадминливите Снежана Коневски – Руси, Дејан Лилиќ и креативниот центар Тинтири Минтири.
Манифестацијата пред Св.Димитриј завршува во 12 часот, по што присутните деца ќе бидат поканети да ја оформат најголемата Бадникова поворка во Македонија, и со песна да се упатат кон Соборниот храм каде што пред специјално поставена голема Божикна пештера, ќе бидат дарувани и со Божикни пакетчиња.
Во исто време, Бадникови поворки на радоста, во кои децата на свечен начин ќе го најавуваат Христовото Раѓање, ќе се одржуваат во уште 34 населени места низ земјата, и тоа: Битола, Охрид, Прилеп, Струга, Тетово, Крушево, Ресен, Кичево, Радовиш, Велес, Штип, Струмица, Гевгелија, Валандово, Кавадарци, Куманово, Гостивар, Пробиштип, Свети Николе, Могила, Кривогаштани, Демир Капија, Неготино, Богданци, Вратница, Виница, Кочани, Делчево, Дебар, Ростуше, Велгошти, Брвеница, Беловиште, Старо село и Рогачево.
Фото: Бадникови поворки