еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Големиот број на експлозивни средства го отежнуваат гаснењето на пожарот на Галичица

Почнувајќи од 3 септември, кризната состојба предизвикана од пожарите е завршена. Во моментов е активен пожарот на планината Галичица, а утрово е регистриран и еден пожар во Арачиново, со што не постои можност за продолжување на кризната состојба, информира директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов на денешната прес-конференција.

Пожарот на Галичица започна пред една недела од албанската страна. Ангелов вели дека постојат сомненија, оти е започнат од овчари за да се подобри квалитетот на пасиштето.

– Пред помалку од една недела, пожарот се приближи до нашата граница. На 30 август извршивме хеликоптерско извидување со претставници од Главниот штаб за управување со кризи во кое учествував и јас.

Пожарот беше на самата гранична линија, а полека одредени јазици влегуваа и на нашата територија и се спушташе кон толот од страната на Охридско Езеро и од страна на Преспанското Езеро, истакна Ангелов.

Директорот на ЦУК информира дека горела само трева и ниски зимзелени грмушки. Во текот на ноќните часови, како што посочи тој доаѓало до загаснување на пожарот, а рано наутро со појава на утринската роса пожарот безмалку бил изгаснат. Но, со зголемување на температурите, повторно доаѓало до палење на пожарот.

– Овој пожар е карактеристичен по една непријатна и ризична работа, а тоа е големиот број на експлозивни средства и направи, гранати, куршуми и разни други експлозивни средства што се наоѓаат и по самиот срт каде започна пожарот и истите се протегаат до подножјето во самата шума.

Овој пожар е четврти пожар на истото ова подрачје во последните 10-15 години според оние расположливи информации до коишто дојдовме. При секој пожар од местото каде што гори се слушаат детонации, експлозии, истрели од куршуми.

Палењето на тревата создава температура што ги активира овие минско експлозивни средства, коишто кога човек би згазнал на нив не би се активирале, бидејќи се стари повеќе од 100 години, вели Ангелов.

Тој истакна дека во текот на денешниот ден, од раните утрински часови до сега се слушнати најмалку три експлозии, што значи дека ова место каде што во моментов гори пожарот не е безбедно за пешадија, ниту за летање со хеликоптер.

– Од страна на Главниот штаб за управување со кризи, веднаш по појавата на овој пожар беше разгледана можноста да се ангажира хеликоптер за гаснење од воздух. Заклучокот беше дека е ризично затоа што леталото при гаснењето на пожар доаѓа на дваесеттина метри до земјата, односно самата сајла на којашто виси справата е долго десет метри, а хеликоптерот да биде поефикасен доаѓа многу ниско, со што постои ризик од експлозиите, објаснува Ангелов.

Претставници на Националниот Парк Галичица се обиделе странично да го изгаснат пожарот, но се појави феномен како пожарот кај Сарај, кога гори кореновиот систем и пожарот на местата каде што е изгаснат по извесно време повторно се распламтува.

Директорот на ЦУК соопшти дека стратегијата што ја донесе штабот е дека кога пожарот ќе се спушти кон шумата со цистерни, кои носат околу 500 литри вода е да се навлезе на шумските патишта и пожарот да се пресретне, со што патиштата не претставуваат опасност.

Ангелов додаде дека во моментов, пожарот на Галичица не претставува опасност за населените места кои се во близина на планината.

– Со завршување на кризната состојба, се менува надлежноста и сега на врвот на хиерархијата при гаснење на пожарите не се наоѓа Главниот штаб за управување со кризи, туку одговорните лица на противпожарните единици од териториите каде се активни пожарите.

Тоа значи дека од сега натаму повеќе информации околу пожарот на Галичица потребно е да барате од градоначалникот на Општина Охрид, или во случај на појава на други пожари, од останатите градоначалници, објаснува Ангелов.

Иако до ЦУК стигнуваат барања од Општините за управување со хеликоптерите, ЦУК ги препраќа до Генералштабот на Армијата, кои одлучуваат дали се исполнети условите за учество во гаснење на пожари.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Пожарот на Галичица се спушти на 1.600 метри надморска височина, во гаснењето се вклучи хеликоптер

МИА/Фото: Архива/МО

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Двојно поголем ризик за хоспитализација: Што е познато, а што се истражува во врска со делта сојот

Редакција

Заев: Мијалков побегна, па се предаде откако сфати дека го ризикува семејството и имотот

Редакција

Можеме да собереме 20.000 евра: На 12-годишната Кара итно треба да ѝ се дијагностицира ретката болест, а потоа и да се лекува

Редакција