еМагазин
Бизнис ТОП СТОРИИ

Граѓаните ќе имаат парно до крајот на сезоната, струја ќе добиваат од домашните капацитети, уверува Бектеши

Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека граѓаните ќе добиваат топлинска енергија непречено до крајот на грејната сезона, како и дека потрошувачите не електрична енергија кои се на регулираниот пазар како што се домаќинствата ќе добиваат струја од домашните капацитети, за што, како што истакна веќе се направени сите неопходни подготовки.

-Откако АД ЕСМ ги направи и ги заврши сите подготовки скопјани имаат парно греење. Тоа ќе биде до крајот на грејната сезона. Граѓаните во континуитет ќе бидат снабдувани со топлинска енергија.

Затоа не треба да се создава паника, бидејќи сите институции се подготвени навремено да го испорачуваат тоа што им е обврска, рече Бектеши кој денеска на првиот ден од грејната сезона беше во посета на Топлана-Исток.

Тој истакна дека АД ЕСМ во рок успеале да ги завршат сите обврски и подготовки, и да ги земат лиценците, со цел да можат да испорачуваат топлинска енергија.

Во врска со снабдувањето со електрична енергија министерот за економија истакна дека во делот на регулираниот пазар, домаќинствата, малите потрошувачи и дел од слободениот пазар цела зимска сезона ќе бидат снабдувани во континуитет со електрична енегија од домашни капацитети.

-Ние не зависиме од другите држави. Ние сами се подготувавме за се да покриваме домашно за да немаме зголемување и на цените и дополнително на тоа да не зависиме од тоа што би се случило во регионот, во Европа или, пак, глобално.

Затоа сите капацитети се ставаат веќе во функција, а денешниот ден секако дека е потврда на тоа дека последните неколку месеци директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски со неговиот тим и со поддршка на Владата ги направија сите подготовки денеска да имаме парно во градот Скопје.

Електрична енергија имаме во континуитет за сите наши граѓани и тоа ќе биде до крајот на грејната сезона. Ние не зависиме од другите, ние ги правиме нашите подготовки, ние ги вклучуваме сите наши капацитети, а секако дека сите предлози се добредојдени, ќе ги разгледаме и како што сме ветиле најдобрите понуди во интерес на граѓаните ќе бидат прифатени од наша страна се со цел најевтино да ја поминеме оваа зимска сезона во делот на производство на електрична и на топлинска енергија, рече Бектеши.

Директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски кој заедно со Бектеши беше во посета на Топланата-Исток истакна дека граѓаните треба да бидат безбедни и оти ќе бидат обезбедени со топлинска енергија.

-Имаме обезбедено енергенс до крајот на месецов, а следствено на тоа како понатаму ќе функционира приватната гасна централа ТЕ-ТО ќе знаеме дали ќе повлекуваме топлинска енергија од ТЕ-ТО или и понатаму целосно ќе произведуваме топлинска енергија во нашите топлани коишто ги имаме под закуп од АД „Адора“ во топланите Исток и Запад.

Утринава во 5:50 часот беа пуштени топланите при температура од 9 степени, истите работеа до 9:15 минути кога се постигна надворешна температура од 12 степени и притоа во овој период беа испорачани 997 мегават часови топлинска енергија, рече Ковачевски.

Со оглед дека првично од АД Макпетрол беше набавен гас само за првите две недели од почетокот на грејната сезона, Ковачевски појасни, дека гас ќе се набавува дополнително, и тоа по пониски цени бидејќи, како што рече, тие се во опаѓање.

Доколку има некакви промени, и има екстремно високи цени на гасот или пак ако го нема на пазарот, се прават подготовки топланите исток и запад да работат на дизел гориво, за што АД ЕСМ ги прави потребните набавки на опрема и пред се на пумпи за таа намена.

Според Ковачевски, има разговори и за шестмесечна набавка и испорака на природен гас по цена пониска од сегашната од компании надвор од државата.

Во врска со снабдувањето со електричната енергија, Ковачевски истакна дека самото намалување на температурите повлекува поголема потрошувачка, но, како што вели, АД ЕСМ максимално е подготвено за стартот на грејната сезона и во овој дел.

-Денеска во функција се ставени и блокот 1 и блокот 2 во РЕК Битола, значи двата блока денеска почнува со работа и во блокот 1 којшто во претходните 23 дена беше во ремонт.

Иако, да потсетам за јавноста, еден ваков ремонт трае околу 45 дена, со зголемен ангажман на нашите вработени посебно на вработените во РЕК Битола и ангажманот исклучиво на домашни компании успеавме за толку краток период да го подготвиме блок 1 и денеска се става во систем и ќе биде во функција во текот на цела грејна сезона.

Во функција исто така е и термоелектраната во Осломеј којашто ќе работи уште еден краток период, потоа ќе се направи еден краток застој за да може да се направат кратки сервисни интервенции и од почетокот на ноември да биде во функција до крајот на грејната сезона, појасни Ковачевски.

Тој информира и дека ТЕЦ Неготино во моментов работи со двата котли, со максимален капацитет од околу 180 мегавати снага испорачува во системот и оти има дневна испорака од околу илјада тони мазут кој овозможува непрекинато работење на оваа термоелектрана.

-Што се однесува пак до хидропотенцијалот него во овој период најмалку го користиме. Во моментот е на ниво од околу 30-ина проценти, а тоа е просек за овој период на годината. Во изминатите неколку месеци ја штедевме водата, го намаливме производството на електрична енергија од хидропотенцијалот за дури 30 проценти.

Следствено на тоа, пак, го зголемивме производството на електрична енергија од термокапацитетите во Битола и во Осломеј за дури 25 проценти и така се движиме кон планот којшто го имаме предвидено за оваа година, а тоа е 25 проценти поголем план од минатата година.

До септември, значи заклучно со 30 септември тој план го исполнивме целосно и го надминавме за неколку проценти. Значи, целосно сме ангажирани, целосно сме мотивирани во време на енергетска криза да успееме максимално колку што е можно повеќе да произведеме домашна енергија и тоа го правиме со сите наши расположливи капацитети, рече директорот на АД ЕСМ.

Тој вели дека има доволно ресурси и за термоелектраните, јагленот има на располагање од над 200 илјади тони на депонија во РЕК Битола и околу 50 илјади тони на депонијата во РЕК Осломеј. Според него, мазаут има околу 15 илјади тони во складиштата во ТЕЦ Неготино, како и оти хидропотенцијалот е на околу 30 проценти.

Сметам, истакна директорор на АД ЕСМ, дека со ваквиот начин на функционирање и на менаџирање на сите електроенергетски капацитети во државата успешно ќе ја пребродиме и оваа грејна сезона и успешно ќе ја надминеме и оваа енергетска криза во овој период.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Почина новинарот Тодор Пендаров

Редакција

Нови 1.174 случаи на Ковид-19 од 4.598 тестирања

Редакција

44-годишен маж од Пробиштип пронајден починат на клупа пред зграда во скопски Аеродром

Редакција