еМагазин
Image default
Балкан ТОП СТОРИИ

Границата со Грција останува затворена најмалку до 22 февруари

Одлуката за копнените граници со Северна Македонија, Албанија и Турција, како и за забраната за влез во Грција на државјани на трети земји, грчката Влада ја продолжи за уште две седмици, односно до 22 февруари 2021 година, јави дописничката на МИА од Атина.

Новата одлука за „воведување мерки за привремено ограничување на копнените, воздушните и морските поврзувања на земјата, за забрана за влез во земјата на државјани на трети земји, освен од државите на Европската унија и Шенген зоната“ за да се ограничи ширењето на коровирусот, веќе е објавена во Службен весник на Грција и од утрово стапи во сила.

Првиот член од одлуката се однесува на копнените граници на Грција, односно на привременото ограничување на сите копнени (патните и железничките) поврзувања од и кон Грција „од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на коронавирусот Ковид-19 на грчка територија, како и забрана за влез на лица на грчка територија, освен ако исполнуваат конкретни предуслови“.

За туристите и странските државјани за кои не постои забрана, дозволен е влез само преку Бугарија, односно преку граничниот премин Промахонас (Кулата) и само со негативен молекуларен тест за Ковид-19 направен 72 часа пред пристигнувањето, но и доколку добијат негативен резултат од рапид тестот направен на влезот во Грција.

Од останатите гранични премини што се отворени, односно Евзони (Богородица) кон Северна Македонија, Какавија и кон Албанија и Кипи кон Турција, влезот во Грција е дозволен само за одредени категории и исто така со потврда за претходно направен негативен ПЦР тест и со негативен резултат од брзиот тест на самиот граничен премин направен од грчките власти.

Овие гранични премини се отворени од 7 часот наутро до 23 часот, а забраната за влез во земјата не важи за грчки државјани, за лица кои имаат дозвола за престој и лица кои живеат во Грција, за влез на лица со апсолутно неопходни професионални или медицински причини за кои имаат и потребни документи, за товарните камиони, како и за транзит на болнички возила кои од Косово преку Северна Македонија влегуваат во Грција за хоспитализирање на пациенти кои припаѓаат на дипломатскиот, воениот или административниот персонал на земјите членки на ЕУ и EULEX на Косово.

Во однос на камионите за транспорт на стоки, отворени се седум гранични премини, четири со Бугарија, и по еден со Турција, Северна Македонија и Албанија, а за возачите не важи задолжителната потврда за негативен ПЦР тест.

Во истата одлука, во посебен член е и привремената забрана за влез во Грција на „сите државјани на трети земји, од која било влезна точка, на кој било начин и со кое било средство, вклучувајќи ги авионските, морските, железничките и патните поврзувања од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на Ковид-19 на грчка територија“, објави МИА.

Исклучок, како и досега се државјаните на земјите членки на Европската унија и Шенген зоната и жителите на Австралија, Нов Зеланд, Руанда, Јужна Кореја, Тајланд, Сингапур, Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати, Русија и Израел.

Исто така, исклучок се и одредени категории граѓани, како што се медицинскиот персонал и здравствените работници, оние кои имаат дозвола за престој во земја членка на ЕУ или земја од Шенген зоната, членови на владини мисии, дипломати, превозници, возачи на камиони што пренесуваат стоки, транзит патници, студенти, лица кои се грижат за стари лица и лица со инвалидитет, како сезонски земјоделски работници.

За сите оние за кои е дозволен влез во Грција, освен негативен ПЦР тест, потребно е да го имаат пополнето и специјалниот формулар PLF (Passenger Locator Form), и е задолжителен седумдневен домашен карантин.

Станува збор за истата одлука која од средината на март мината година, континуирано се продолжува, а претходната беше од 22 јануари до денеска во 6 часот утрово.

Одлуката е потпишана од надлежните министри за развој и инвестиции, за цивилна заштита, за труд и социјални прашања, за поморство, за внатрешни работи, за здравство, од министерот и заменик-министерот за транспорт и инфраструктура, како и од алтернативниот министер за финансии.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Семејството Груби трупа милионски бизниси и имот, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ

Редакција

(Фото) Во Косово уапсен Алил Демири, обвинет за петкратното убиство кај Смилковско езеро

Редакција

Бугарскиот европратеник Ковачев: Григор Прличев е Бугарин, нема простор за компромис

Редакција