еМагазин
Image default
ЧИСТА ОКОЛИНА

Грчката компанија „Полиеко“ ќе ја чисти малата депонија со линдан во ОХИС

Грчката компанија „Полиеко“ ќе ја чисти малата депонија со линдан во ОХИС.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање информираат дека Агенцијата за индустриски развој на Обединетите нации, УНИДО, склучила договор со компанијата како најдобар понудувач, избран на меѓународен тендер.

Во моментов во тек се подготовките на теренските активности, а санацијата на малата депонија се очекува да трае и до три години.

„Грчката компанија ќе има обврска да ја исчисти малата депонија, а инсектицидот ќе се третира надвор од државата. Започнат е и процесот на одобрување на деталниот план за ремедијација и обезбедување на потребната документација за отпочнување со работа на терен“, информираат од Министерството.

Од Министерството засега не посочуваат кога точно ќе започне чистењето на опасната хемикалија, а наскоро треба да се знае и која технологија ќе биде користена, од што ќе зависат и роковите за завршување на активностите.

Финансиските средства се обезбедени преку ГЕФ/УНИДО, Владата на Македонија и Норвешката Влада.

Линданот е инсектицид со широк спектар на дејствување со кој во минатото се третирала почвата и дрвјата како заштита од паразити, сè додека пред повеќе од 40 години не бил забранет заради неговата токсичност. Тој е канцерогена супстанца, се сврзува со ПМ-10 честичките и го загадува воздухот, а заради несоодветното чување во изминатите децении, масовно ја загадувал почвата и подземните води.

Во дворот на ОХИС, покрај малата, се наоѓа и голема депонија во кои се претпоставува дека има над 13.000 тони линдан, покриен со 20.000 тони земја, која досега е целосно контаминирана и самата претставува опасен отпад, кој се развејува со ветерот низ околината и претставува голема опасност по човековото здравје.

Покрај нив од неодамна се познати уште две жаришта со оваа токсична хемикалија, кои се последица на работењето на хемискиот капацитет. Третата депонија со линдан е во дворот на ОХИС, додека, пак последната е закопана во близина на локалитетот „Пеленица“ кај Драчево.

Од Министерството посочуваат дека активно работат на обезбедување на средства за расчистување на сите опасности кои демнат од оваа историска еколошка жешка точка.

„На крајот на 2018 и во текот на минатата година Владата посвети внимание на обезбедување на одржлив извор на финансирање за целосно чистење на контаминацијата во кругот на ОХИС.

За таа цел беше формиран посебен фонд во соработка со Норвешката амбасада. По отстранувањето на контаминираниот материјал во малата депонија, ќе се продолжи со чистењето на останатиот контаминиран дел токму со користење на средствата од тој фонд.

Во овој процес на мобилизирање на средства се вклучи и ЕУ која изрази подготвеност да помогне со свои фондови кои би ги ставила на располагање во текот на 2021-2023“, посочуваат од Министерството.

Мета/Фото: Мета

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Макпрогрес Виница реален пример за еколошка компанија

Редакција

Ќе се засадат 1.500 садници покрај реката Брегалница

Редакција

Граѓаните протестираа против загадениот воздух: „Четворица дневно умираат чекајќи чист воздух“

Редакција