Во тек се техничките разговори меѓу грчки и британски официјални лица за да се утврди дали ќе биде можно спроведување на сертификатот за вакцинација, вели министерот за туризам на Грција, Харис Теохарис, во интервјуто за радиото Би Би Си 4 и изразува надеж дека ќе се постигне решение, барем во однос на техничкиот дел, јави дописничката на МИА од Атина.
Теохарис објаснува дека во никој случај не сакаат да ги ограничат патувањата само за оние кои се вакцинирани.
– Кога веќе бараме од секој турист да има негативен тест пред патувањето, би било трошење средства да се тестира секогаш кога патува. Сертификатот за вакцинација би можел да ја ограничи потребата од ваков вид тестови, бидејќи ќе биде потврдено дека патниците кои го имаат сертификатот биле избрани од Владата од нивната земја или самите сакале да се вакцинираат, па нема да има причина повторно и повторно да се тестираат, објаснува министерот за туризам на Грција.
Портпаролот на грчката Влада, Христос Тарандилис, на денешниот редовен брифинг со новинарите објасни дека не станува збор за пасош, „бидејќи зборот пасош значи задолжителна употреба“.
– Владата говори за дигитален сертификат. Што значи ова? Значи дека оној што ќе дојде во нашата земја нема да биде потребно да ги следи вообичаените процедури, како на пример да треба да има ПЦР тест или да биде во карантин штом влезе во земјата, истакна Тарандилис.
МИА