На денешното рочиште за “Плацеви на Водно“, сведочеше и Мартин Протуѓер, еден од најблиските соработници на поранешниот премиер Никола Груевски, пренесува Фокус.
Протуѓер меѓудругото на рочиштето одговараше и на прашања поврзани со тоа дали некогаш со Груевски разговарале за купување, продавање или земање под закуп на имот.
-Би сакал да појаснам дека од 2005 година имавме коректен однос. Сме дискутирале на најразлични теми поврзани со секојдневниот живот, од политички до приватни теми.
Се сеќавам дека во повеќе наврати зборувавме за тоа кој каде би сакал да живее по завршување на мандатот. Му велев дека цел живот живеам во стан и не би менувал. Но тој и покрај тоа што исто така што живееше во стан, рече дека сака да живее во куќа, рече Протуѓер.
Тој откри и дека Груевски му кажал дека сака да живее во Сопиште.
-Често пати зборувавме и за локации, која е најдобра за живеење. Лекарите заради некои хронични состојби му препорачуваа да живее на повисоко место. Беше некако запнат за локација како Сопиште, итн. Сакаше да живее во куќа, мислеше дека така ќе најде мир, рече сведокот.
Сведокот сподели и дека Груевски му спомнал дека купил земјиште на Водно.
-Мене ми беше невообичаено бидејќи околу 2012 година ми спомна дека земал некое земјиште од 10.000 квадрати, некаде на Водно. За волја на вистината, за други детали не сме разговарале. Тој беше таков човек, сакаше да беше внимателен, претпазлив и ако не сака да каже нешто не кажуваше, рече Протуѓер.
Тој појасни дека кога тогашната опозиција ја отворила темата за плацевите на Водно, помислив дека се работи за истото земјиште.
-Но кога разговаравме рече, нема ништо, не е точно, демантирајте го. И ние испративме демант, а потоа и тој лично демантираше. Не ми кажа што планирал со тоа земјиште, јас помислив дека е за живеење, но тој никогаш не ни спомна, дополни сведокот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Некогаш донаторите ги даваа парите на Груевски, кажа Јанкулоска на судењето за „Плацеви на Водно“
И Чинговски сведочеше на судењето за “Плацеви на Водно“