еМагазин
Image default
Македонија

Нема договор за онлајн работење на пратениците со Ковид-19

Парламентарните партии и денеска останаа на своите ставови во однос на можноста пратеници со Ковид-19 или во изолација со решение да можат онлајн да се изјаснуваат на седници и на работни тела – владејачките партии сакаат предлогот за дополнување на Деловникот да се изгласа и сметаат дека е неопходен, а опозицијата дека е противуставен и дека 62 пратеници не се доволни за функционално Собрание.

– Деловникот се носи консензуално. Гледаме еден обид да се направи нешто надвор од консензуален договор. Очигледни се реакциите на сите пратенички групи од опозицијата од една и единствена причина затоа што бројката од 62 пратеници не е доволна за функционално работење на Собранието и во нормални услови, а не во ваква ситуација.

Единствена причина поради која што се брза за работа со онлајн Собрание е затоа што немаат функционален број на пратеници за да можат да работат, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Според него, Собранието има доволен број пратеници во секој момент.

– Ние немаме никогаш помалку од 115 пратеници на собраниска седница. Потребен е дијалог да се седне и да се види кои се приоритетите во Собранието за работа. Тие закони кои се поврзани со здравствената и со економската криза, ВМРО-ДПМНЕ како пратеничка група, а сигурен сум и дека сите опозициски партии, ќе ги поддржат.

Меѓутоа, внесувањето на ваков начин спротивно на Уставот, на онлајн гласањето, е за да поминуваат други закони кои не се поврзани со овие прашања, рече тој, не откривајќи дали ќе присуствуваат на седницата в четврток, на која треба да се гласа потребата за носење на дополнувањата на Деловникот.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески уверува дека станува збор за предлог што се однесува само на пандемијата со Ковид-19.

– Станува збор за оваа ситуација, и станува збор за пратеници кои имаат решение за изолација. Не постои друга заразна болест каде што има изолација. Значи станува збор за пратеници кои имаат исклучиво решение за изолација.

Јас во претходниов цел период нон стоп, во секоја изјава повикувам да обезбедиме консензус затоа што станува збор за носење на Деловник, во смисла на тоа како што прават сите деморатски земји.

Нон стоп повикуваме или нема одговор, или има смешен одговор дека е противуставно. Сега пред граѓаните треба да кажеме јасно, или сме за ова или сме за блокирано Собрание, истакна Митрески.

Претседателот на Собранието Талат Џафери поднесе предлог за дополнување на Деловникот за работа на Собранието со што би се овозможило пратеници со Ковид-19 или во самоизолација да можат да се вклучат онлајн во одлучувањето на пленарните седници и на седниците на работните тела.

Предлогот, кој е по скратена постапка, е ставен на дневен ред на седницата закажана за 26 ноември, четврток.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Мапа) Во кои градови има најмногу заболени со Ковид-19 на 100 илјади жители

Редакција

58% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина

Редакција

Во среде дебата за избори, раст на бројот на заболени со коронавирусот

Редакција