еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

За што се работи во предметот „Плацеви на Водно“ во кој се води истрага за Груевски, Мијалков и Камчев

Предметот „Плацеви на Водно“ стана топ тема во јавноста, по вчерашниот претрес на полицијата по налог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, во станови кои се поврзуваат со поранешниот премиер, Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија каде доби политички азил.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Обвинителство: Извршен претрес во неколку стана во Скопје во врска со предметот „Плацеви на Водно“

Истрагата за овој предмет по повеќемесечна предистражна постапка, Обвинителството ја отвори пред неколку недели.

“Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против шест лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 од Кривичниот законик“, информираат тогаш од таму.

Освен Груевски, осомничени во овој случај, кој го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), се и неговиот кум Ристо Новачевски, поранешниот прв човек на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и братучед на Груевски, Сашо Мијалков, бизнисменот Орце Камчев, мајка му Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Нема ни стан, ни куќа, ни автомобил: Каков имот пријави Груевски, додека беше премиер и пратеник

Според Обвинителството Груевски со пари од донации за ВМРО-ДПМНЕ купувал недвижнини на Водно

„Во периодот од 2006 до 2012 година првоосомничениот искористувајќи траен однос и исти прилики противправно за себе присвоил туѓи подвижни предмети што му биле доверени“, информираа од Обвинителството.

Според Обвинителството, Груевски со пари од донации за ВМРО-ДПМНЕ купувал недвижнини на Водно.

“Имено, тој како претседател на политичка партија дел од паричните средства кои во овој период ги примил лично или преку општинските комитети на партијата како донации за финансирање на политичката партија, не ги прикажал како примени донации во финансиските квартални извештаи на партијата и од нив за себе присвоил пари во износ најмалку од 1.300.360 евра или 79.972.140 денари.

Во периодот од октомври 2012 година до септември 2013 година средствата прибавени со кривичното дело – Затајување од чл.239 ст.3 вв ст.1 од Кривичниот законик ги пуштил во оптек со купување на градежно земјиште на Водно“.

Второосомничениот, иако знаел дека паричните средства се прибавени со кривично дело, стапил во контакт со сопственик на веќе регистрирана офшор фирма во Белизе и побарал документацијата, печатите и жиросметката да му бидат дадени на располагање, посочија од Обвинителството.

“Во јули 2012 година била основана фирма – ќерка во Скопје на која, по претходен договор со првоосомничениот, станал управител третоосомничениот.

На сметката на правното лице во повеќе наврати биле пуштени во оптек средствата прибавени со кривично дело.

По постигнување на согласност за купопродажната цена, третоосомничениот во својство на управител на правното лице извршил плаќање кон сопствениците на земјиштето, со што бил прикриен изворот на парите и вистинскиот сопственик на земјиштето со вкупна површина од 11.000м2.

Во периодот од 20 јули 2015 до 26 јуни 2019 година, по јавно објавените разговори кои ја откриваат сопственоста на градежните парцели во КО Центар 2, со цел да се прикрие вистинскиот сопственик третоосомничениот како управител на правното лице, ја пренел сопственоста на друго правно лице.

Тој, по претходен договор со првооосомничениот, користејќи полномошно издадено од сопственикот на правното лице од Белизе ја пренел сопственоста на правното лице чиј управител е петоосомничениот, а шестоосомниченото лице се јавува како краен сопственик на правното лице“, информираа од Обвинителството.

За да се прикрие локацијата, движењето и сопственоста на имотот „новите сопственици“ донеле одлука за преименување на правното лице и одлука за физичка делба на парцелата од 6.785м2 на три нови парцели, информираа од Обвинителството.

“За да ја прикријат локацијата и сопственоста плацовите биле пренесени на физичко лице без платен удел, но со определен рок од 3 години за исплата на купопродажната цена“, информираа од Обвинителството.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Откриени нови станови на Груевски, едниот е на име на секретарка

Груевски трврди дека на памет не му паднало со чланарини од членството да купува имот

По вчерашните претреси, на Фејсбук се огласи и Груевски, кој се осврна на истрагата на Обвинителството.

“На памет не ми паднало да земам пари од партијата или чланарини од членството за да купувам имот. Впрочем ако целта ми била да живеам во голема удобност имав можност како премиер заедно со семејството да се преселам и десетина години да живеам во многу поголема, побезбедна и поудобна државна вила, што не го направив.

Подолг период власта врши притисок, уцени и закани врз лица да ги натераат да бидат лажни сведоци дека нешто што е нивно или нечие, било мое. Употребуваат најбрутални методи од најниски лични уцени и тешки закани по нивната слобода, семејство и имот, па до одредување притвори и други нечовечки методи.

Целта им е да ме обвинат за некаков скриен имот, а со тоа и за перење пари, за „да докажат” некакво перење пари, кое не постои.

Освен што е потребно да докажат дека нешто наводно поседувам, а кое не е пријавено, за да ме обвинат со квалификација „перење пари”, согласно Законот, потребно е да докажат и од каде се парите за истото да се купи.

Оттука немајќи што друго да кажат или смислат, одат на тоа дека сум користел партиски пари, што е безочна лага и невистина.

Тоа го прават затоа што не знаат што друго да смислат за да ја затворат лажната конструкцијата за која имаат исклучително политички мотиви и која е дел од политичкиот прогон против мене и обид за мое оцрнување и преставување во очите на јавноста тоа што не сум.

И веројатно тука нема да запрат“, напиша Груевски.

Фото: Груевски/Фејсбук

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Мицкоски не откри што разговарал со Петков, за неговата посета вели дека е престава интересна за дипломатите од ЕУ

Редакција

Проф. Трајковски: Омикрон сојот и кај нас има помала стапка на смртност, но не и драстично помала како во државите со висока вакцинираност

Редакција

Тројно убиство во Дебар: Со пиштол им пресудил на родителите и 14-годишната ќерка

Редакција