За прогресивно учење, употребата на знаењето и вештините на учениците за доброто на заедницата, за волонтеризмот кај младите како да станат активни граѓани, како и за искуственото учење и неформалното образование кое е време е да бидат дел од формалниот образовен систем разговаравме со Илија Станковски, програмски директор во Здружението LEAD.
LEAD е здружение на граѓани, доброволна и независна организација чија цел е е да ги детектира и да дава одговор на состојбите и потребите на младите во општеството, преку креирање институционални промени, граѓанска едукација, поттикнување на граѓански активизам и нудење простор за личен и социјален развој на младите.
Што претставува концептот на „Service Learning” или како што велите вие “Учење преку служба за заедницата”?
Илија Станковски: Пристапот на „учење преку служба за заедницата“ е едукативен пристап кој ги комбинира наставните програми со служба за заедницата со цел да обезбеди еден вид на прогресивно учење, притоа одговарајќи на општествените потреби. Во кратки црти овој концепт им овозможува на учениците да ги употребат знаењата и вештините стекнати во училишните клупи за доброто на заедницата.
На пример, група на ученици идентификуваат предизвик во својата околина и решаваат да преземат акција околу тоа, и притоа се поддржани од наставник, но и ментор-врсник во целиот тој процес.
Зошто е важен овој концепт и како влијае врз образовниот систем?
Илија Станковски: Податоците велат дека постои недостаток на волонтеризам меѓу средношколците и младите во Македонија – само 12.8% од младите луѓе позитивно одговориле за нивна вклученост во волонтерски активности во последните 12 месеци. 51.44% од средношколците и младите сметаат дека нема доволно средства за поддршка за реализација на младински идеи и иницијативи.
Чувствуваме дека кај нас владее девизата дека образованието е тоа што се учи за време на часовите. Ние сметаме дека колку што е важно учењето во клупите, исто толку е важно и учењето надвор од нив. Дотолку повеќе што имаме образовен систем кој е фокусиран на информации и факти, а не на вештини. Па така влијанието би можеле да го сумираме во две поенти:
– Овозможува на учениците да реализираат свои идеи, да придонесат во заедницата и да станат свесни за неа.
– Овозможува на учениците да стекнат вештини кои не ги стекнуваат за време на наставата како: тимска работа, носење одлуки, решавање конфликти, креативно размислување, работа на реален проект итн.
Овој концепт го користевте при реализација на проектот “Вклучи се за промена”. Како истиот беше прифатен од училиштата и учениците? Кој се беше вклучен?
Илија Станковски: Проектот го реализиравме со финансиска поддршка од Агенцијата за млади и спорт и во него се вклучија три средни училишта од Скопје и тоа: СУГС „Никола Карев”, СУГС „Орце Николов” и Приватната гимназија САБА.
Мораме да кажеме дека концептот беше одлично прифатен како од училиштата така и од самите ученици. Учениците добија шанса да реализираат активности надвор од формалните часови, што е многу важно за нивниот развој и притоа придонесуваат за своите заедници и се градат како активни граѓани. Од друга страна училиштата овозможуваат средина каде што учениците се надоградуваат и стануваат свесни за себе и својата околина.
Кон што беа насочени проектите кои се реализираа?
Илија Станковски: Особено не радува што проектите беа насочени кон теми за кои малку се зборува и малку се делува во нашето општество. Два проекти беа насочени кон важноста од грижата за менталното здравје за средношколците, додека еден проект беше насочен кон вклучување на лицата со попреченост во образовни активности.
Ова покажува дека средношколците имаат зрелост за важни прашања, дека размислуваат и сакаат да придонесат доколку им се даде шанса.
Кое е влијанието кое се оствари врз учениците?
Илија Станковски: Трансформацијата што се случи за трите месеци додека се реализираа нивните проекти беше импресивна. Зошто е тоа така? Прво, тие научија дека поседуваат потенцијал да спроведуваат иницијативи и проекти и покрај тоа што се млади. Второ, научија дека реализација на еден проект не е нималку лесно и дека е потребен тимски ангажман за успех. Трето, станаа свесни дека искуственото учење е одличен начин за стекнување на вештини и искуства кои потоа ќе им користат во животот.
Како учениците беа поддржани низ целиот процес?
Илија Станковски: Ова е многу важно прашање. Во текот на реализацијата учениците имаа поддршка од еден наставник од своето училиште во вид на капитен на тимот, како и од еден ментор-врсник кој веќе има искуство во работа со млади.
Задачата на овие лица не е да им кажат на учениците што да прават, туку да ги поттикнат сами да го најдат патот до решението. И ова е особено важно бидејќи на крајот искуството низ кое поминале учениците е најважно за нивното учење.
Тука ја користиме приликата да им се заблагодариме на нашите наставници Билјана Костова, Ана Попризова и Христина Таневска, но и на менторите Кристијан Ангелески, Симона Стојчевска и Александра Филипова за посветеноста во целиот процес и за придонесот за трите проекти.
Колку е возможно ваквиот концепт да се институционализира? Кој е одговорен за тоа?
Илија Станковски: Ние како организација постојано застапуваме дека искуственото учење и неформалното образование време е да бидат дел од формалниот образовен систем, бидејќи потребите на младите и нивните навики се менуваат со брзина на светлината, а системот мора да се адаптира на истото.
Институционализирање на ваква програма не е нешто што може да биде проблем. Вакви програми веќе постојат во приватните средни училишта а и во системите во поразвиените западни земји. Една од идеите е да се воведе задолжителна програма за придонес во заедницата каде секој ученик ќе мора да издвои одредено време во месецот на такви активности. За ова е потребно измена на законската рамка и програмите за работа во Министерството за образование и наука но и во Бирото за развој на образованието.