еМагазин
Image default
Македонија

Има придвижување во преговорите меѓу СОНК и МОН и можност за скоро решение, најави Тренчевска

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевкса вели дека има придвижување и позитивни сигнали дека е можно наскоро да биде постигнато решение меѓу Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и Министерството за образование и наука (МОН) со кое штрајкот, што сега е во мирување, би бил прекинат, а платите во образованието би биле зголемени.

– Министерството за труд и социјална политика не е дел од страните кои имаат спор. Тоа се МОН од една и СОНК од друга страна. Информирана сум од министерот за образование дека денеска од 10 часот требало да има состанок и тој сигурно се одржал.

Преговорите продолжуваат, има придвижување и позитивни сигнали дека е возможно за многу скоро да се дојде до заедничко решение кое ќе значи прекин на штрајкот и покачување на платите во образованието, рече Тренчевска во одговор на новинарско прашање при посетата на Струмица.

Но, додаде таа, да му оставиме време на помирувачот и на двете страни во спорот да ги водат преговорите и да не известат за она што ќе биде одлучено на седниците на одборите што се формирани согласно законот за мирно решавање на спорови.

СОНК штрајкот го стави во мирување на 28 април откако доби известување од Министерството за труд и социјална политика дека Министерството за образование и наука пристапува кон мирно решавање на спорот.

Максималниот рок на мирното решавање на споровите е 20 дена, а првичниот рок е 10 дена. Доколку за 10 дена една од страните не е задоволна, се бара формирање на дополнително тело на помирување, така што максимум за 20 дена треба да заврши постапката.

Медијатор во спорот е Драгица Исаиловска-Митровска.

Штрајкот на вработените во основните и средните училишта и во детските градинки почна на 11 април со барање веднаш да бидат зголемени платите за 18,4 проценти и потоа да се изнајде методологија за нивно усогласување со минималната плата.

Во текот на преговорите, првично на Синдикатот му беше понудено зголемување на платите за 10 проценти, а потоа и за 12 проценти, но предлозите не беа прифатени од членството на СОНК.

На последната седница на Советот на СОНК и по изјаснувањето на членството, беше донесена одлука градинките повторно да почнат со работа, а вработените во училиштата останаа и понатаму да штрајк, кој е ставен во мирување на 28 април по стартот на медијацијата.

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Минатата недела најголем раст на заболени од Ковид-19 има кај лицата од 10 до 19 години

Редакција

Мицкоски ја прашува власта: Сакате да кажете дека не знаете каде се наоѓа Груевски. Пред кого правите евтин театар?

Редакција

(Фото) Македонските војници кои помагаа во Турција се вратија дома

Редакција