еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ Убава приказна

Инспиративна приказна: Соња и Владимир од град се преселија на планина, работат таму и сами го градат нивниот дом Царевец

Соња Манчевска и Владимир Ѓорѓиоски веќе две години се преселени од град на планина, во Маврово, и таму, греда по греда го градат нивниот сон, односно планинската куќа Царевец. Така се вика бидејќи се наоѓа под врвот Царевец, а и гостите кои ја посетуваат така се чувствуваат, царски.

Манчевска вели дека сакаат да функционира како планинарски дом, кој за сега има мал капацитет но е доволен за почеток.

„Вкупниот капацитет моментално е 11 кревети, ако е група, може да се стават уште 2-3 помошни кревети. Имаме совршени услови за готвење, простор за уживање, прекрасен чардак, можност за скара. Во дворот има огниште за сач. Горниот дел е отворен и е планинарски дом. Но правиме и приватна соба за луѓе кои сакаат поголема интимност. Собата ја правиме да биде целосно опремена со тоалет, кујна, приватна тераса“, вели таа.

Планинската куќа Царевец, се уште не е изрекламирана, но гостите кои што ја посетуваат топло ја препорачуваат. Таа е презадоволна од посетата на гости, бидејќи Маврово е задолжителна дестинација за странците.

Целата куќа е галена со нивни раце

Соња по професија е етнолог-антрополог и има големи познавања за нашата култура, историја, традиција, посебност, фолклор.

„Мака ми е што не можам да работам по професијата, но барем најдов начин како да ја применувам, им раскажувам на странците. Имаме богаство за кое не сме ни свесни. По потекло сум Мијак, мајка ми е родена во Росоќи и сум приврзана за планината. Многу си ја ценам нашата култура и со голема љубов и жар тоа и го пренесувам. На гостите им е интересно, треба да платиш пари за да слушаш приказни, а јас тоа го правам од љубов“, вели Соња.

Владимир пак работи на ранчот за коњи во Галичник и реализира тури со туристи, зимно време  работи како ски-инструктор во Маврово.

„Има некои „глуви“ периоди во годината, но за нас не се, бидејќи работиме на досредување на куќата. Две години откако почна изградбата ние сме таму постојано. Кога завршив факултет многу често одев во планина и сите ми викаа дека бегам, им велев дека не бегам туку дека се враќам дома.Среќа ми се погоди и момчето да ја делиме истата идеја. Мојот сон беше да си направам куќичка или во Тресонче или во Росоќи. Тресонче ми е повеќе во срцето, бидејќи баба ми која многу ја сакав и ме израсна, е родена таму. И таму го замислував својот живот.

Но Маврово излезе одлична комбинација. Владимир доби плац таму. И за нас, како млади луѓе што сакаат да работат, многу побрзо се одвиваат работите. Уште не сме завршени, а ние веќе работиме. Јас сум презадоволна од целиот тој процес. Супер излезе, Господ ни подари таква локација на такво место што е покомерцијално и побрзо можеш да влезеш во тековниот туристички процес“, вели Соња и додава дека иако е градска девојка што сака да оди на концерти, да танцува, сака социјален живот сепак и преовладува љубовта кон планината.

„И кога ќе ме прашаат што правиш таму, нели ти е здодевно им одговарам дека воопшто не ми е, сакам да ми е здодевно за да правам други работи што ги сакам да плетам, да хеклам, да правам накит и да бојам. Се што може, сами правиме во куќата. Правиме клупи, кујна и повеќето од работите се стари работи кои ги рециклираме. Освен што е исплатливо од финансиски аспект, зачувуваме природа.

Тоа ќе отиде во отпад, а ние му го продолжиме животот. Многу е интересно што, кога луѓето ќе дојдат, гледаат дека куќата е нова но има стари моменти. Вратите и прозорците што се стари, даваат  впечаток дека куќата постоела, но само е реновирана. Кога ќе им кажеме дека од темел сме ја почнале и е стара само две години, звучи неверојатно. Но, кога работиш нешто за себе излегува сила и правиш чудесии.

Луѓето ја чувствуваат убавата енергија на куќата, бидејќи се сами правиме. Гредите се премачкувани со природен пчеличен восок и мешавина со масла, и се тонирани да има нијанса.

Принципот на работа е исклучиво со рака, и тоа ти е како да ја имате изгалено целата куќа. Јас тоа не можам да го дадам на мајстор, нема така да го направи. Веројатно во него има енергија. И затоа, луѓето кога ќе дојдат се чувствуваат како дома и тоа ни беше поентата. Луѓе да доаѓаат и да уживаат“, објаснува таа.

Соња верувала во приказната уште од почеток, бидејќи пред да се одлучат да примаат гости направиле експеримент на функционирање на куќата со повеќе луѓе односно со блиски роднини и другари и увиделе дека функцинира.

Од странство се вратиле овде, за да го дишат овој воздух

Нашата соговорничка вели дека се што прават е за една убава, а пред се за неа безбедна иднина.

„Во град се чувствувам многу небезбедна. Тој брз начин на живот и борба, не знаеш што ќе ти се случи. Во куќата побезбедно и посигурно се чувствувам и знам зошто тоа го правам“, додава таа.

Нејзината порака до младите е да не чекаат некој друг да дојде и да им ја најде работата. Работа има на секој чекор.

„Јас работам од свои 17 години, ако сакаш да работиш работата ќе те најде сама. Јас сум во ситуација да одбивам работи бидејќи имам приоритетни работи и не сум мрзлива. Имам 32 години и го имам остварено својот сон во Македонија, што некој ќе ми рече дека е многу тешко да си го оствариш сонот. Да, тешко е затоа ние жртвувавме четири години од нашиот живот, работевме во странство. Тоа беше тежок период за мене бидејќи бев подалеку од природа и планини нешто што ми е суштина. Но сето тоа вредеше. Кога ќе се види зошто си се мачел се има поента“, вели Соња.

Таа две години живеела во Холандија, земја како што вели што е за млад човек, прекрасна за живеење, но со текот на годините се заљубила во Македонија. Си реков дека ќе јадам леб и сол, но важно е да го дишам овој воздух“, раскажува Соња.

Иако вели дека кај нас селата измуираат, надеж дава тоа што неколку нејзини другари се вратиле кон своите корења и таа бројка полека почнува да се зголемува.

„Ние сме инспирација бидејќи сме млади и сме се одлучиле на таков чекор. Реално Скопје повеќе не е здрава средина за живеење. Јас не можам да замислам децата мои да растат во Скопје, сметам дека на Македонија и треба здрава младина за да може да ја опстоиме убава како што е. Треба да продуцираме здравје. Убавината ќе ни ја земат странците. Имаме комшија Англичанец, во Охрид исто купуваат Германци, Англичани. Тие гледаат што имаме, но наши нема да видат.

Ќе продаде нивата, за да оди во Германија за да плаќа кирија и да биде таму. А продаваш плодно земјиште за кое има безброј можности да се работи. Од премногу идеи некогаш се губам, ама се фаќаш за едно и мораш тоа да го истераш до крај. Но треба луѓе и тим за работа, што е тешко. Но човек треба да верува во работите, без разлика колку и да се луди. Луѓето секогаш ме гледале како откачена но јас врувам во приказната, ме прави среќна, здрава“, додава Соња.

Таа за куќата Царевец вели дека е куќа на љубов, солидарност, братство и единство бидејќи многу другари, пријатели, роднини, мајстори им помагале да се изгради.

„Кога ќе не видеа деца дека сами градиме, секој сакаше да помогне на начин како што може“, објаснува Соња.

Следен проект им е, куќата преку патека да ја поврзат со врвот Царевец, за да има планинарски тури до горе.

Таа е планинар и ја посетува обуката на Меѓународната унија на професионални водичи во планина за своите лични потреби, но како што вели, на такво место живее што е добро да има и таква понуда за туристите, да организирани тури во планина.

Интерес од туристите, како домашни така и странски има па најповеќе се присутни од Израел, Германија, Норвешка, Франција, Шпанија, Полска, ЈАР.

Доколку и вие сакате да се чувствувате царски и да одморите во природа, контактирајте ги

Соња 077998 527

Владимир 072 210 777

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Ќе ги амнестираме и после ќе викаме да не повтори“: Твитер реакции за двегодишнината од настаните од 27 април

Редакција

Мишел: Македонци вашата земја го прави првиот чекор кон преговори со ЕУ

Редакција

Бугарските власти тврдат дека имало обид за атентат на главниот бугарски обвинител

Редакција