еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Ни една институција не го спречила ризикот од корупција за „Бехтел и Енка“

Државата треба да го заштити системот на носење на одлуки, почитувајќи ги и правејќи ги ефикасни механизмите кои го овозможуваат тоа, за да се заштити јавниот интерес и да се намали можноста за евентуални коруптивни дејствија, оцени денеска Миша Поповиќ, раководител на Центарот за добро управување при Институтот за демократија „Социетас цивилис – Скопје“.

-Зборуваме за се она што не успеа да профункционира како контролни и заштитни механизми за да се заштити начинот на кој се носат одлуките со цел да се донесат одлуки во корист на јавниот интерес.

Како што јакне транспарентноста, која постојано ќе се подобрува на патот кон Европската Унија, на корумпираните актери како простор да го намалат ризикот од кривичен прогон им останува да ја озаконат корупцијата, односно да донесат политики и закони кои директно внатре во законите ја вградуваат привилегијата за одреден приватен интерес, во случајот бизнис интерес, изјави Поповиќ пред почетокот на презентацијата на анализата „Интегритет на носење одлуки: системски пропусти во случајот Бехтел Енка“ и додаде дека токму затоа државата треба да го заштити системот на носење на одлуки.

Нагласи дека во случајот „Бехтел и Енка“ има непочитување на Законот за лобирање со што, како што кажа, оригинално се овозможува да се потпише Меморандумот за соработка и да се донесе Законот за утврдување на Јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на автопатите од коридорите 8 и 10д.

Посочи дека има неуспех во носењето на одлуки базирани на докази, односно проценката на влијание на регулативата која е деловнички вградена во работата на Владата и на некој начин овозможува во процесот на креирање на закони да се контролира начинот на кој различни приватни интереси влијаат при креирање на закони и политики.

Заради тоа, оцени, на некој начин со случајот „Бехтел и Енка“ е прекршен Деловникот на Владата.

-Во овој случај тоа е изоставено, а не се разви јавна расправа ни во Собранието иако Собранискиот деловник тоа го овозможува, а и самата природа на законот, потенцијалните трошоци и начинот на кој е уредена специјалноста на законот бара да има јавна дискусија.

Пратениците морале да овозможат јавна дискусија за да се чујат различни надворешни експертски мислења што важат за самиот закон, а особено за сите доусогласувања во законите за работни односи, за урбанистичко планирање,…

Покрај тоа, искористен е и механизмот за европско знаменце за уште повеќе да се скрати дебатата иако деловнички претседателот на Собранието воопшто не требало да дозволи тие закони да се разгледуваат со европско знаменце, рече Поповиќ.

Забелешка имаше и на претседателот на државата кој, како што кажа, не стави суспензивно вето. Нагласи дека на очиглед на сите пропусти иако го имале правото да спречат, претседателот на државата и претседателот на Собранието тоа не го направиле со што овозможиле да се озакони ризикот од корупција, односно дека таа во иднина можеби ќе се случи.

-Сите овие механизми овозможуваат доколку продре приватниот интерес следната инстанца тоа да го спречи и да го контролира и да го врати процесот назад. Меѓутоа, ниту во Владата, ниту пак, во Собранието, нити претседателот на државата не успеаја да одолеат на сите овие повреди кои се случија при носењето на законот за коридорите 8 и 10д.

Веројатно во иднина ќе треба да се вклучи и судската власт во процесот на носење на одлуки, односно да ги цени сите повреди на процесите и процедурите за да се оневозможи да стапат на сила одлуките донесени без следење на процедурите, рече Поповиќ.

Нагласи дека со специјален закон се гради и автопатот од Кичево до Охрид и додаде дека за тоа веќе се води судска постапка.

Новинарката Фросина Димеска посочи дека случајот „Бехтел и Енка“ покажа дека нема длабинска проверка од државните институции на кого ги даваат парите од Буџетот, а новинарот Александар Димитриевски дека нема канцеларија или официјално претставништво на „Бехтел и Енка“ во земјава каде евентуалните македонски подизведувачи би можеле да пројават интерес за вклучување во проектот за изградба на автопатите и праша на кој начин и каде тоа го направиле оние кои веќе се избрани како подизведувачи.

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Коронавирусот „влезе“ во уште една штипска конфекција

Редакција

„МБФ глобал“ го доби тендерот на ЕСМ за набавка на гумени транспортни ленти вреден 3,4 милиони евра

Редакција

Расчистен воздухот во Скопје, препораки за празничните денови

Редакција