еМагазин
Image default
Македонија

Институтот за физикална медицина и рехабилитација подготви оддел наменет за пациенти со пост ковид потешкотии

Министерството за здравство информира дека, поради долгорочните последици кои ги остава инфекцијата со коронавирусот и заради се поголемата потреба за рехабилитација на пациентите кои прележале Ковид-19, Институтот за физикална медицина и рехабилитација со поддршка на министерството подготви еден оддел кој е наменет за пациенти за пост-ковид рехабилитација.

Досега, Институтот имаше само индивидуални барања од страна на пациенти кои се третираа амбулантски, но од неодамна оваа јавно здравствена установа во соработка со Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби од Скопје и ГОБ „8ми септември“ започна со организиран болнички пристап за рехабилитација на пациенти кои прележале Ковид-19 и согласно тоа, заедно со специјалисти инфектолози од Клиниката и болницата, Институтот веќе спроведува конзилијарни прегледи од страна на специјалисти физијатри.

„Овие пациенти кои со денови, некои и недели биле хоспитализирани заради Ковид-19, се соочуваат со потешкотии и во дишењето и во движењето, кои побрзо и полесно се надминуваат со стручна помош, во смисла на респираторни вежби и физикални вежби за нивно враќање кон нормалните животни активности.

Она што досега го гледаме како резултат од рехабилитацијата е исклучителен напредок кај овие пациенти. Некои доаѓаат во колички, неподвижни, изнемоштени, а по само две недели веќе одат самостојно, без помагала.

Со ова, практично, одиме чекор понатаму во грижата за пациентите со Ковид-19. Се грижиме не само за превенција, со вакцините кои се во најава и лекување, туку и рехабилитација која е навистина важен сегмент од секој напреден здравствен систем,“ изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Процесот на рехабилитација се спроведува согласно најновите протоколи за рехабилитација на пост-ковид пациенти од страна на тим од специјалист физијатар, специјалист интернист и физиотерапевти со долгогодишно работно искуство, кои за секој пациент пристапуваат индивидуално, согласно функционалната состојба на пациентот.

„Рехабилитацијата на овие пациенти трае различно, во зависност од тежината на клиничката слика и последиците кои болеста ги оставила кај пациентот, но во просек од 2 до 4 недели.

Најголемиот дел од пациентите покажуваат значително подобрување на респираторната функција, олеснување на анксиозноста и депресијата, намалување на компликациите, намалување на попреченоста, побрза вертикализација и оспособување за побрзо и поефективно враќање кон секојдневните животни функции,“ истакна Маја Манолева, директорка на  Институтот за физикална медицина и рехабилитација и додава дека пациентите кои досега престојувале во Институтот покажуваат огромен напредок и подобрување.

Пациентите кои биле лекувани во домашни услови или се веќе испишани од инфективните одделенија, но се уште чувствуваат слабост и имаат проблеми со компликациите од болеста можат да се јават на преглед во Институтот преку „Мој термин“, но и преку амбулантите во установата, со цел да бидат упатени за понатамошна амбулантска или болничка рехабилитација.

Дополнително, Институтот веќе е во комуникација и со дел од општите болници низ државата за пренесување на искуствата и едукација на кадарот од тие болници со цел нивно понатамошно вклучување за рехабилитација на овие пациенти.

Фото: МЗ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) Пратеничката на СДСМ, болна од Ковид-19 во скафандер отиде да гласа во Собрание

Редакција

Како му успева: Заев дневно одговара на три до пет илјади пораки

Редакција

Џафери предложи дополнувања на Деловникот за одржување онлајн седници

Редакција