еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Истражување на јавното мислење во Македонија и Грција: Договорот од Преспа останува чувствителна тема за двете страни

Договорот од Преспа останува чувствителна тема и за двете страни од границата, но некои веќе започнаа да му пристапуваат пореално, договорот е компромис што требаше да се направи и ги зајакна мирот и стабилноста во регионот, се дел заклучоците од паралелното истражување на јавното мислење под наслов „Перспективите на Договорот од Преспа, јавното мислење во Северна Македонија и Грција“, спроведено во двете земји, во пресрет на тригодишнината од потпишувањето на договорот, јави дописничката на МИА од Атина.

Истражувањето, од македонска страна го спроведе Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ од Скопје, од грчка страна секторот за истражување на јавното мислење од Институтот за истражување на Универзитетот во Македонија во Солун, а резултатите денеска беа презентирани на онлајн настан организиран од Конрад Аденауер и грчката Фондација за надворешна политика ЕЛИАМЕП.

Анкетираните дале одговори на низа прашања поврзани со Договорот од Преспа, билатералните односи, иднината на решението, како и на теми поврзани со надворешната политика.

Професорот Јоанис Армаколас од солунскиот Универзитет „Македониа“ и шеф на програмата за југоисточна Европа во ЕЛИАМЕП од Атина и професорот Иван Дамјановски од катедрата за правни науки на Правниот факултет и аналитичар во „Социетас Цивилис“ од Скопје, ги презентираа резултатите од истражувањето спроведено од 18 до 25 мај во Грција со анкетирани 1.056 лица и од 14 до 28 мај 2021 година во Северна Македонија со вклучени 1.000 одговори.

За Договорот од Преспа и аспектите, професорите Дамјановски и Армаколас коментираа дека за одредени прашања и од двете страни на границата одговорите се слични, а во одредени случаи и идентични.

Па така, на пример во однос на тоа колку, од овој временски аспект, договорот е корисен, резултатите се слични.

Во Грција е целосно поделено јавното мислење, 36 отсто сметаат дека е корисен и исто толку дека е штетен, а слична е сликата и кај нас, 39 отсто од анкетираните одговориле позитивно и 35 проценти негативно.

Речиси шест од десет анкетирани Грци смета дека договорот е компромис што требаше да се направи, а во Северна Македонија, бројката е помала, 47 отсто се согласува со овој став, а 32 проценти не се согласува.

Сличен е ставот на јавноста во двете земји и по прашањето за тоа дали со договорот се поткопуваат националните интереси на нивната, 48 отсто од Грците и 47 отсто од Македонците се согласуваат со овој став, а негативно одговориле 39 проценти од анкетираните во Грција и 35 отсто од оние во Северна Македонија.

Од оние кои и понатаму го отфрлаат Договорот од Преспа, во Грција и во Северна Македонија наведуваат различни причини.

Додека во Грција, за 42 проценти главната причина за неприфаќање е отстапувањето на „националноста и јазикот“, во Северна Македонија тоа отстапувањето на името (37 проценти од анкетираните).

Нешто повеќе од половина од Грците и 45 отсто од Македонците се согласни дека со Договорот од Преспа е фактор на мир и стабилност на Балканот.

На прашањето што треба двете Влади да направат во врска со договорот, во Северна Македонија е поделено мислењето, речиси еднаков е бројот на оние кои сакаат да се ревидира (32 отсто), да се поништи (30 отсто) или да се имплементира (30 проценти).

Во Грција, преовладува мислењето дека треба да се ревидира (43 отсто), потоа следат оние кои сметаа дека треба да се имплементира (37 проценти), а само 16 отсто рекле дека треба се поништи.

Професорот Дамјановски рече дека резултатите покажуваат дека и во двете земји, испитаниците сметаат дека главна причина за потпишувањето на договорот се притисоците од странство.

Во делот посветен на приоритетните прашања и надворешната политика, 41 отсто од анкетираните и од двете земји ја одбрале економијата како приоритет, што во Северна Македонија е на првото место, а следи здравството со 40 проценти, додека пак во Грција, оваа област е пред економијата со 46 отсто.

Надворешната политика, и во двете земји е ниско со девет проценти.

За тоа дали постои закана од друга земја, 23 отсто во Грција и 32 проценти во Северна Македонија одговориле негативно, но кај нас, 46 отсто ја посочиле Бугарија, а дури 73 проценти од испитаниците кај јужниот сосед ја одбрале Турција.

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Бројките и понатаму високи: Нови 173 заболени од корона вирусот, најмногу во Скопје 75

Редакција

Нови 183 случаи со Ковид-19 од 1.769 тестирања: Најмногу во Скопје, Прилеп и Тетово

Редакција

39-годишна жена од Тетово го убила 51-годишниот невенчан сопруг, доби 30-дневен притвор

Редакција