еМагазин
Image default
Бизнис

Истражување на ЦГК: 15 директори на јавни претпријатија треба да добијат отказ, поради нетранспаретност

Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) денеска го објави истражувањето „Транспарентност и отчетност на претпријатијата во државна сопственост за 2020 година“.

Во истражувањето се посочува дека просечното ниво на транспарентност и отчетност на претпријатијата во државна сопственост, што подразбира исполнување на законските обврски и добрите стандарди, изнесува 41 отсто од можни 100 проценти.

Истражувањето на ЦГК покажува дека транспарентноста и отчетноста на претпријатијата бележи напредок во однос на 2018 година кога изнесуваше 28 проценти.

-Во последните две години, поголем напредок во транспарентноста имаат претпријатијата основани од општините од оние основани од Владата.

Општинските јавни претпријатија имаат просечен раст на транспарентноста од 27 отсто во 2018 година на 43 отсто во 2020 година, а претпријатијата на Владата, пак, имаат раст од 31 процент на 39 отсто.

Ова ја доведува во прашање доследноста на примената на Стратегијата за транспарентност на Владата на РСМ (2019 – 2021 год.), стои во истражувањето.

Се наведува дека се исполнети услови за разрешување на 15 директори на јавни претпријатија.

Имено, Законот за јавни претпријатија (член 24-а) предвидува разрешување на директорот на претпријатието за ненавремено објавување на веб-страницата на претпријатието на тримесечните финансиски извештаи за тековната година, како и на годишната сметка и извештајот за претходната гoдина.

-На врвот на ранг-листата, со највисоко ниво на исполнување на обврските – 82 отсто, повторно се наоѓа Јавното претпријатие за државни патишта, а на дното повторно е АД Градски трговски центар со 16 отсто исполнување.

Една третина од претпријатија не ги објавуваат ниту имињата на членовите на управните и надзорните одбори. Додека пак објавувањето на биографиите на членовите на овие управувачки органи е практика само на 13 проценти од претпријатијата, се вели во истражувањето.

Истражувањето покажало дека ниту едно претпријатие не објавува информации за одржаните седници на управните одбори.

Оперативен извештај за работењето во претходната година објавиле само 43 отсто од претпријатијата, а финансиски отчет е објавен од страна на 57 отсто од претпријатијата.

-Само една третина од претпријатијата го објавиле ревизорскиот извештај за 2019 година, што во согласност со законските обврски морале да го имаат, и го доставиле до Централниот регистар до 30 јуни, стои во истражувањето.

Целосното истражување е достапно на opendata.mk. Спроведено е во рамки на проектот „Засилување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и во приватниот бизнис-сектор“, финансиран од Европската Унија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Реплек стартува иновативна платформа за добросостојба „РЕсет“: работилници, настани и едукација за подобро здравје

Редакција

Владата купува протоколарен материјал за 1,2 милиони денари

Редакција

Топ 5 најтргувани акции на Македонската берза лани

Редакција