Поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, е во фокусот на јавноста откако доби покана да оди во затворот Скопје во Шуто Оризари.
Тоа следи откако претходно Апелацискиот суд Скопје му ја потврди затворската казна од една година за кривичното дело бесправно градење, кое се однесува на бараката во која до лани во септември беше сместена Општина Карпош, во периодот додека се градеше новата општинска зграда.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Јакимовски ќе бара одложување на затворската казна поради здравствени проблеми
Тој најави жалба пред Врховниот суд, а и дека ќе бара одложување на казната од здравствени причини.
Од затворската казна му остануваат околу седум месеци, поради времето поминато во куќен притвор.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Стевчо Јакимовски ќе се жали пред Врховен за затворската казна која му ја потврди Апелација
Кој е Јакимовски
Роден е на 27. август 1960 година во селото Подржи Коњ, кривопаланечко.
Дипломирал на Економскиот факултет во Скопје во 1987 година.
Јакимовски има два сина, Дамјан и Гоце Јакимовски.
Работно искуство
По дипломирањето волонтирал како новинар во спортската и во информативно-политичката редакција на втората програма на Радио Скопје.
Јакимовски е и поранешен репрезентативец на Македонија во карате. Тој е петкратен републички првак, два пати апсолутен шампион на Македонија и два пати освојувач на бронзен медал во СФР Југославија.
Политичка кариера
Во политиката влегол во 1988 година, како стручно-политички работник во Претседателството на младината на Југославија.
Во септември 2000 година за првпат станал градоначалник на Општина Карпош.
Во ноември 2003 година станал министер за економија, а министер за труд и социјална политика бил од декември 2004 година.
Во 2009 година, повторно е избран за градоначалник на Општина Карпош.
По завршувањето на мандатот работел во своја приватна фирма.
Градоначалник на Карпош беше и по трет пат.
Во 2024 година се кандидираше и за претседател на Македонија, а на последните локални избори лани по петти пат се кандидираше за градоначалник на Општина Карпош.
Во март 2024 година САД го стави на т.н. црна листа, поради тоа што „како градоначалник на Карпош бил вклучен во коруптивни дела, вклучувајќи искористување на неговата службена положба да се меша во урбанистичкото планирање и јавните набавки за корист лично за него и за неговите соработници“.
Сменил неколку партии
Во текот на својата политичка кариера, Јакимовски променил неколку политички партии. Најпрвин бил член на Либерално-демократската партија (ЛДП), потоа преминал во СДСМ, за подоцна да ја формира партијата ГРОМ.
Првиот мандат како градоначалник на Карпош, Јакимовски го добил како кандидат на ЛДП, втората градоначалничка функција ја освоил како кандидат на СДСМ, додека третиот пат настапи како независен кандидат.
Во 2013 година, Јакимовски ја формираше политичка партија ГРОМ, со која првпат настапи на претседателските избори во 2014 година, како и на предвремените парламентарни избори во 2016 година.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Стевчо Јакимовски треба да оди во затвор на 2. јули
Фото: Јакимовски/Фејсбук












