еМагазин
Image default
На кафе во Кантина ТОП СТОРИИ

Камнар: Разликата помеѓу добар и одличен хирург е во човекот во него

Не постојат мали и големи операции, тешки и лесни пациенти, туку секој од нив има своја индивидуална приказна и судбина, вели гостинот на еМагазин во рубриката „На кафе во Кантина“, д-р Виктор Камнар, ортопедски хирург на Клиника за ортопедија.

Она што е негова специјалност е во делот на т.н ревизиска или ре-ревизиска хирургија кај пациенти со потешки деформитети, како резултат на трауми, болести, туморски промени, околу карлицата, колкот, коската над колената и колениот зглоб, заедно со натколенична и потколенична коска. Освен што оперира, на оваа тема пишува и публицира.

„Тие се нарекуваат мегакомплексни операции, каде што e потребно да се употребуваат различни форми на протези кои се поставуваат, со цел да се спаси целиот екстремитет, а во исто време да се добие коректен, функционален, морфолошки елемент кој што е многу важен, бидејќи човекот понатаму живее во многу нормални услови,“ вели Камнар и додава дека, тимот во оваа работа е најважен, односно концептот на медицинска работа и бон тонот на медицинската струка.

„Секој дел од системот е важен, и затоа работата не е индивидална. Многу често, се бара индивидуална одговорност, но факт е дека е колективен систем. Но, без разлика што ќе се случува во сала, одговорноста ја превзема оној кој ја превзел одговорноста за пациентот,“ додава Камнар.

Тој оценува дека последната деценија, тимот на Клиниката за ортопедија направил голем исчекор во развојот на условите за работа, но и стручноста. Смета дека, како кај нас, така и на светско ниво, ортопедијата е популарна пред се бидејќи се работи за струка која ги опфаќа сите возрасни групи и две третини од органските системи во човечкото тело.

„И во наши услови интересот е многу голем, што ми е многу драго, не само заради популаризирање на струката, туку и нејзино унапредување. Никаде во свет, не сум видел, ортопедски хирург да нема работа. Во Индија на пример, 24 часа беа малку, за еден работен ден на мој колега. Импресивна гранка која е брзорастечка со развој на многу гранки околу себе. Ме фасцинира рапидниот развој на технологијата во симбиоза со медицинската наука.

Има многу можности, многу регии на кои, еден млад доктор може да се насочи. Многу е инвентивна и е поврзана со развој на технологија, што е многу важно, во делот на дијагностика и во делот на секојдневната работа,“ додава Камнар.

Корона-пандемијата влијаела на ниво до непрепознатливост на целиот систем, бидејќи како што вели Камнар, сите други болести како да не постоеја, системот застанал и се лечеше само една болест, што е нереално. Се пореметило целото менаџирање, се направиле негативни импликации врз нормалното функционирање.

„Пациентите кои во одредена фаза биле релативно полесно решливи, стануваат потешки случаи, се зголемија листите на чекање на елективни хируршки случаи (замена на вештачки зглобови). Ако за замена на вештачки зглобови се чекало по 3-4 месеци, сега се чека дупло повеќе време.

И ова не се случува само на нашата клиника, туку, генерално на ниво на целата земја, но така е и регионално. Се прават напори овие состојби да се надминат, но колку успешно, ќе видиме по одреден период,“ вели Камнар.

Ниту еден човек не оди на лекар затоа што сака да се прошета, затоа треба да се биде алтруистичен

Го прашувам, што ја прави разликата помеѓу добар и одличен хирург, и одговори многу едноставно-човекот.

„Разликата е помеѓу добар и одличен човек. Во принцип добар човек, може да бид добар доктор и добриот човек може да биде добар хирург. Но, не е само мануелната работа, туку се и одлуките кои се донесуваат врз основа на емпатичност, совесност, претпазливост.

И уште еден елемент, кој што е многу важен околу секодјневното функционирање, а тоа е критичноста. И кога сите ќе се стават на една страна, ја прават разликата помеѓу добар и одличен.

Ниту еден човек не оди на лекар затоа што сака да се прошета. На туѓата несреќа треба да пристапите на тој начин што, да гледате човекот да го направите среќен колку што можете. Не сме семоќни, никој од нас не е, но она што е во границите на можностите, на потребите и она што ние можеме да го направиме, да го направиме максимално.

Нема човек што не згрешил, но ние немаме право на грешка,“ вели Камнар.

Тој уверува дека помеѓу оваа генерација на истакнати ортопедски хирурзи, постои поддршка и разбирање и тоа една многу важна работа, бидејќи како и во секоја професија, суета постои, а помеѓу лекарите-посебно.

„Нема хирург во светот, кој што не е суетен и не е во еготрип елемент, но околу одредени одлуки, човек треба да изброи, да размисли и да биде спремен за да донесе правилна одлука. И ако во тој момент преовлада егото, ќе донесете погрешна одлука.

Не сте победници, на штета на некој друг. Можеби сте си го потхраниле егото, но на другиот сте му причиниле мизерија. Каде е овде добрината и убавината.

И затоа и карактерно човек треба да се издигне над себе, суетите да се стават на страна, професионализмот треба да биде прв. Суетата ја има помеѓу сите професии, да не се лажеме, но се наоѓам во ситуации во кои се обидувам и успешно се издигнувам над неа,“ додава Камнар.

Спортувам, читам, се дружам и духовно работам на себе

За себе вели дека е роден локален патриот, кој многу си ја сака сопствената држава и ужива во сите позитивни и негативни карактеристики на ова поднебје. Политичките убедувања, според Камнар треба да останат настрана од професионализмот, бидејќи како што вели, ви требаат професионалци, а не политички активисти.

„Секој поединец, без разлика со каква професија се занимава, има политички убедувања. Како сите, така и јас си имам свои. Но, кога се работи за секојдневието кое е поврзано исклучиво со професија, политиката треба да биде на страна. Дебатата е здрава работа, но кога ќе се сведе на лични препукувања, пак се сведуваме на присуство на его. Ревншизмите треба да се заборават, ако сакаме да размислуваме за напред,“ вели тој.

Во однос на можностите да се пресели, и како хирург да работи во друга земја, вели дека никаде не е идеално, а секогаш секаде, може да биде подобро, но човек мора да се потруди.

„Не може никој да ни биде виновен ако ни е лошо, виновни сме самите. Секој може да даде идеја, совет, да покаже како они направиле, но за да биде подобро, треба сам да се избориш.

Некогаш во одредени ситуации е апсолутно невозможно, бидејќи знаеме дека не живееме во идеален свет, а уште помалку во идеален систем. Но каде и да одиш, факт е дека дома е најубаво. Оваа држава можеме да ја направиме многу подобро место за живеење.

За време на еден просечен животен циклус, навистина не можеме да си го земеме целиот свет, и да си го носиме со себе. Можеме само да дадеме еден позитивен дел од себе, позитивни импресии, енергија, за како колективитет, да направиме многу,“ објаснува Камнар.

Стресот од работата го канализира преку спортот, моментите поминати со семејството, дружење со луѓе со кои разменува позитивна енергија.

„Умерен спорт, практикувам секој ден, без разлика колку време имам. Второто нешто кон кое се ориентирам се книгите. Обожавам да читам. Поседувам библиотека веројатно, една од поголемите во градот, која генерациски се полнела. Од тука се идеите и потребите, нешто и сам да напишам и да оставам зад себе.

Имам некоја уметничка жичка во мојот карактер. Филмоман сум, сакам да одам на кино, да присуствувам на изложби. Социјализацијата ми е многу битен сегмент, седнување на кафе со луѓе со кои можам да зборувам на различни теми и со кои се разменува позитивна енергија. Еден од нив ми е Владимир Чадиковски, кој го чувствувам повеќе од брат,“ вели Камнар.

Врз неговиот развој како човек големо влијание имал неговиот татко, кој велел дека усовршувањето надвор како професионалец не е само за да се добие знаење туку и да се стекне самодоверба.

„Во одредена форма на оние секојдневни, мануелни, умствени капацитети кои секојдневно ги применувате, услови во кои работите, гледате дека се супериорни за одредена категорија на луѓе, без разлика каде се.

Тоа е симбиоза помеѓу развој на технологија, организираност, начин на поставеност на работите, приод кон работите и индивидуален влог. Кога излегувате надвор, ги гледате недостатоците и предностите, како лични така и колективни,“ додава тој.

Многу пати како лекар, бил сведок на чуда во медицината, и затоа за себе вели дека е верник.

„Секој човек треба да си ја остави резервата, бидејќи сите сме обични смртници кои си чекориме низ животот како и секој нормален човек. Не сме надлуѓе како што холивудските филмови се обидуваат да не претстават.

Се плашиме, имаме стресови. Секој сам си одредува дали има или нема верба во нешто повозвишено, во зависност од религиските убедувања кај секој, или дали припаѓа или не припаѓа на одредена религија.

Факт е дека во одреден момент застанувате и велите дека од овде па понатаму, тоа е веќе божја работа. Историјата сведочи дека многу атеисти, почнале да имаат верба во нешто повозвишено, но верник, никогаш не станал атеист,“ завршува Камнар.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Јас само да прашам дали ми важи венчаницата без северна„: Твитер реакции за налепниците со НМК, пасошите и возачките

Редакција

БНР: Граѓаните на Македонија со постојана адреса во Бугарија повторно се на избирачките списоци, но не гласаат

Редакција

Африм Гаши реизбран за претседател на Алтернатива

Редакција