еМагазин
Image default
Интервју

Каровска: Важен е договорот за соработка помеѓу компаниите и сметководствените друштва, добро е да го опфаќа и консалтингот

Каровска ДООЕЛ од Скопје е лиценцирана компанија за сметководствени, консалтинг и едукативни услуги од областа на финансиите и сметководството, a сопственик и управител е Мери Каровска која е дипломиран економист.

Каровска била долгогодишен банкарски менаџер во една од филијалите на Стопанска Банка АД Скопје, со големо дополнително искуство како предавач во банката, а едуцирана во едукативните центри надвор од државава за тренери на NBG групацијата.

Таа е предавач на семинари, работилници на различни теми, со посебен акцент од областа на сметководството и банкарството. Цели триесет години работи со сметководство на здруженија, фондации и компании со различни дејности.

Многумина нудат услуги, но малкумина имаат познавање и работат на светски познатиот on line software WAVE за сметководство и мали бизниси- софтвер често користен од страна на странските компании, лоцирани на нашите простори. Која е предноста од користењето на овој софтвер?

Каровска: Wave е веб-базирано интегрирано сметководствено решение исклучиво

дизајнирано за мали и средни странски компании. Севкупно, Wave вклучува сметководство, фактурирање, наплата, следење на плаќања, управување со платен список, управување со финанси, издавање фискални сметки и други слични поволности за работењето на компанијата.

Благодарение на функцијата за поврзување со неколку банки во САД, претпријатијата кои имаат сметки во една од тие банки во САД можат да ги поврзат своите банкарски сметки, PayPal сметки и други извори на податоци за евиденција на трансакции во реално време. Фирмите исто така можат да генерираат извештаи потребни за компанијата.

Системот на сметководството на Wave исто така обезбедува алатка за фактурирање и електронска наплата, а корисниците можат да бираат конкретно решение според потребите на организацијата. Фактури може да се праќаат преку е-пошта, а обработката на плаќање на системот им овозможува на корисниците да собираат плаќања со кредитна картичка.

Модулот за платен список на Wave (поддржан во САД и Канада) има функции како што се директни депозити и самопослужување на вработените. Функцијата за лични финансии располага со алатка за буџетирање, следење на инвестициите во реално време и контролна табла.

Колку тежи портфолиото на „Каровска сметководство и едукација“, односно колку домашни и странски компании се корисници на вашите услуги?

Каровска: Кога започнавме со работа, пред себе имавме јасни цели и визија и истото го следиме. Постојано се надоградуваме и растеме. Во нашето и моето портфолио, пред се се за пишани добри домашни и странски компании со различни дејности во работењето.

Соработуваме со компании, непрофитни организации и фондации и буџетски корисници. На листата наши клиенти се запишани и многу физички лица кои од нас најчесто ги користат едукативните услуги преку сертифицираните обуки кои ние ги нудиме, а врзани со сметководството, банкарството и административното работење.

Бидејќи нудите и обуки, колку компаниите сакаат да вложуваат во обуката на своите вработени и дали конечно сфатија колку тоа  е важно?

Каровска: Познаваме компании кои вложуваат во своите вработени, но малку се оние кои вложуваат во нивните вработени, а потекнуваат од микро и малите бизниси. Токму овде сме фокусирани, а пред се на сопствениците на микро бизнисите кои одлично ја разбираат и работат својата дејност од работењето, но помалку се информирани за финансиите и стратешкото планирање, носењето добри одлуки со цел зголемување на добивката, а отфрлање на загубата. Групата ја дополнувам и со занаетчиите и трговците поединци. Сето ова е важно за ликвидноста  и целосен успех на сите нив.

Следењето на законските измени во делот на сметководственото работење е една од вашите професионални обврски. Колку честите законски измени ја отежнуваше работата на компаниите, имајќи предвид дека компаниите ова го посочуваа како тешкотија во работењето во изминатиот период?

Каровска: Промени има, сметководствените и консалтинг друштвата ги следат и навремено се информирани за истите. Важен е договорот за соработка помеѓу компаниите и сметководствените друштва, добро е тој да ги опфаќа и консалтинг услугите. Со тоа ќе се заобиколат неправилностите и отежнатото работење кај компаниите.

Постојано слушаме дека се воведуваат „мерки за олеснување на работата на компаниите“, но дали во пракса навистина е така?

Каровска: Постојат мерки и проекти за олеснување на работата што компаниите можат да ги добијат од институциите, а јас сметам дека истите треба да се поедностават во нивните процедури,  да бидат потранспарентни за малите компании да не се соочуваат со проблем за нивно аплицирање и користење.

Компаниите тешко можат да дојдат до евтини пари, а банките често велат дека се потребни добро издржани проекти за да ги финансираат. Зошто банките се ригидни, а од друга страна сите се одлично ликвидни?

Каровска: Компаниите велат дека банките не им излегуваат во пресрет, дека имаат долги процедури за поддршка и финансирање/ кредитирање на компаниите, а се бара и големо обезбедување.Од друга страна пак, банките не ги сакаат нефункционалните кредити во нивното кредитно портфоли, а кои се јавуваат најчесто поради намалена ликвидност и добивка.

Сакаат што помал кредитен ризик, па затоа бараат многу моменти да се поклопат пред кредитирањето: издржани проекти, ја анализираат динамиката на подмирување на обврските во компаниите, паричниот тек, поврзаноста помеѓу клиентите, добро обезбедување и многу други нивни кредитни анализи.

Кој е вашиот совет од една страна до компаниите и од друга страна до банките, за да може првите успешно да работат имајќи предвид дека токму малите и средни претпријатија се генератори на економскиот раст?

Каровска: Како поранешен банкарски менаџер, сметам дека банките и компаниите треба да воспостават зголемена деловна, партнерска соработка, која ќе се темели на доверба и консултација во тековната соработка.

Дали законските измени за сметководители се во насока на барањата на фелата?

Каровска: Последните промени во Законот за сметководствени работи беше минатата година, ги двојам како позначајни: намалувањето на бројот на часови за КПУ (континуирано професионално усовршување) обуките, замена на уверенија од МФ за уверенија од ИСОС и упис на лицата незапишани во Регистарот на сметководители и овластени сметководители, а новините  беа во интерес на сите сметководители и овластени сметководители.

Оваа година нема промени и сметам дека Законот за сметководствени работи треба да трпи уште промени за задоволство и добро работење на сметководителите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Годинава во Словенија на работниците од Македонија им се издадени работни дозволи за 40,3% повеќе од лани

Редакција

Јовановски: Дипломатијата е многу важен дел од градењето на идентитетот на една држава

Редакција

Одделете се од гужвата овие празници со стајлингот на Милена и РУМОР шоп

Редакција