еМагазин
Image default
Интервју ТОП СТОРИИ

(Фото) Ѓоргиевска во новогодишно интервју за „еМагазин“: Кога дел од себе ќе дадам на општеството, се чувствувам подобро

Првата дама на Македонија, Елизабета Ѓоргиевска не сака на тој начин да ја ословуваат, повеќе милува, сопруга на претседателот Стево Пендаровски.

Иако, таа е далеку од сенката, сопруга на претседателот, туку жена со изградена кариера, која остава печат во општеството на професионален план, но и она што со себе ја носи нејзината протоколарна улога.

Професионално, таа е редовен професор на Стоматолошкиот факултет и раководител на Катедрата за детска и превентивна стоматологија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Во нејзината биографија пишува дека е магистер и специјалист по детска и превентивна стоматологија од 2002 година, а од 2006 година е доктор на науки. Има остварено неколку истражувачки посети на универзитети во Британија, Белгија и САД, а исто така работела на неколку меѓународни истражувачки проекти.

Ѓоргиевска објавила повеќе од 90 трудови, била член на организациските и научни комитети на неколку национални и меѓународни симпозиуми и конференции.

Држела предавања и работилници на научни конференции во државата и во странство, а автор е на  две и ко-автор на три монографии.

Во периодот, 2010-2014 година била претседател на Македонското здружение по детска и превентивна стоматологија. Таа е членка на MDA, FDI, IAPD, UKSB и визитинг професор на Универзитетот Колумбија, Њујорк, САД.

Најголем дел од постигнувањата, Елизабета ги остварила со презимето Ѓоргиевска, и оттука, решила, да го задржи нејзиното моминско презиме.

„Пред 30-та година стапивме во брак и веќе зад себе имав одреден број, да не речам постигнувања. Со моето презиме го завршив факултетот, веќе почнав да работам на факултет и на Kлиника, така што луѓето веќе ме знаеја како Елизабета Ѓоргиевска.

Од друга страна, Стево е толку либерален човек што апсолутно немаше никаков проблем со тоа. Она што е најинтересно, меѓу другото, мислев дека ќе ми биде олеснување од аспект на административни процедури, но за жал излезе дека е сосема спротивното. Сите повеќе очекуваат дека треба да има две презимиња или неговото,“ вели Ѓоргиевска во интервјуто за „еМагазин“.

Потребно е зајакнување на волонтерството во државата

Ѓоргиевска ѝ е позната на јавноста по тоа што многу често е дел од голем број на хуманитарни активности, бидејќи со нејзиното присуство, сака да ја подигне свеста на јавноста за оние кои што се невидливи за општеството, и чиј што глас, многу тешко допира до оние кои се надлежни за подобрување на нивната состојба.

„Навистина не можам да влијаам на нешто драстично да се смени, бидејќи немам ингеренции во смисла на легислатива или креирање на политики, но може да помогнам од аспект на подигнување на видливоста за одредени проблеми и да застапувам одредени прашања. Како на пример, да се стават во фокусот на јавноста луѓето кои што се хумани, кои имаат чувство за општествена одговорност,  некои институции да се одзват на одредени иницијативи.

Комплетно стојам зад мотото на Обединетите нации „leave no one behind“. Никој не треба да биде оставен, сите треба да имаат еднаква стартна основа во животот и во областа на едукацијата, секој според своите можности, своите способности. И во основа, на секого треба да му се даде еднаква шанса за живот,“ вели Ѓоргиевска.

Хуманоста, како карактеристика на одреден човек, најчесто ја препознава околината. Тој што е хуман и сака да им помага на другите, природно е да не зборува за тоа што го носи во себе и што им го дарува на другите. Барем, доколку е искрен во она што го прави.

Оттука, и Ѓоргиевска не одговори на прашањето, дали хуманоста е дел од нејзиниот карактер, или тоа го налага протоколот за присуство на хуманитарни настани, кога се работи за сопруга на претседател.

„Подобро за тоа, е некој друг да каже, малку нескромно би било јас да зборувам. Но навистина, ова се работи за кои сметам дека треба да се прават. Но, не само затоа што сум сопруга на претседателот.

Работам на катедрата за детска и превентивна стоматологија, и ние таму, цел живот сме во контакт со децa со попреченост и ги знаеме нивните проблеми. Голем дел од целата моја активност е и работата со деца со попреченост. Потребно е да им се посвети внимание колку што се може, барем за миг да бидат посреќни, да им се разубави секојдневието.

Тоа се настани од кои човек добива енергија и убаво се чувствува. Кога ќе дадеш дел од себе на општеството, секогаш се чувствуваме подобро“ вели Ѓоргиевска, која, и покрај искуството на работа со деца со попреченост и деца од различни социјални слоеви, како сопруга на претседателот имала можност да види, многу повеќе што се случува во општеството и во реалноста.

„Знам со какви сѐ проблеми се соочуваат луѓето, и затоа можеби, тоа е уште една причина повеќе да се вложам себе си. Колку што можам, и да иницирам и другите да почнат да се вложуваат себе си. И затоа, постојано инсистирам на зајакнување на волонтерството во државата. Затоа што кај нас, многу малку е распоространето.

Секоја чест на Црвен крст кој имаат прекрасни млади и возрасни лица кои што волонтираат и на таков начин практично сите стануваат свесни за состојбата на одредени групи на луѓе, дополнително го развиваат чувството на солидарност, хуманост и од друга страна, чувството на емпатија. Утре, во општеството ќе можат да го дадат најдоброто од себе,“ додава Ѓоргиевска.

Сопругата на претседателот, се труди секогаш да одговари на поканите за присуство на хуманитарни настани на одредени здруженија, институции, а честопати заедно со соработниците, иницираат општествено –корисни иницијативи.

„Многу често, на наша иницијатива, работиме со Ретвитни оброк. Вообичаено, тие имаат околу 300-400 оброци, но барем дел, се обидуваме да ги приготвиме со сопругот и синот Огнен кога обврските му дозволуваат, бидејќи е студент на прва година на факултетот за Електро-технички науки.

Кога сме слободни, секогаш се обидуваме да направиме уште некоја донација. Присуството на таквите настани не ми е обврска, всушност тоа е мојата желба и волја, да посветам дел од своето време, на некои вредности кои се важни за општеството,“  вели Ѓоргиевска.

 

Реплики на икони, изработка од срма, охридски бисер, најчести подароци за сопругите на претседателите

Ковид-пандемијата, значително ги ограничила професионалните патувања, и се оствариле само мал дел од планираните. Според Ѓоргиевска, посетите на други држави се можност да се запознаат и други култури.

„Службените патувања во придружба на претседателот се доста динамични, затоа што за партнерите на претседателите се подготвува одредена програма која треба да се следи со повеќе активности.

Секогаш сте под будното око на јавноста и таму и тука, и морате да  внимавате на сѐ што правите и како се однесувате, што е очекувано, бидејќи ја претставувате државата и треба да биде прикажана во најдобро светло,“ додава Ѓоргиевска.

За првата официјална посета на Грција од страна на претседателот Стево Пендаровски, на која го придружуваше и Ѓоргиевска, нашата соговорничка вели дека, во ниту еден момент не почувствувала отпор, туку напротив, биле исклучително добри домаќини.

„Посетив дом за лица со попреченост, посетивме повеќе музеи, имавме средба со директорот на музејот кој што е професор по археологија и кој што е исклучително едуциран човек. Исто така, дел од посетата беше со заменик-министерка за труд и социјала која што е прекрасна личност и имавме убава размена на искуства.

Зборувавме за понатамошни можности за соработка во областа на културата, труд и социјала, затоа што и во двете држави има слични концепти за третирање на лицата со попреченост“ додава Ѓоргиевска.

Во рамки на посетата на полскиот претседател Анджеј Дуда, Ѓоргиевска заедно со неговата сопруга Агата Корнхаузер-Дуда, во рамки на дамската програма, реализираа неколку заеднички активности во Скопје, во насока на подигање на јавната свест за ранливите и маргинализирани заедници, децата со попреченост и промоција на волонтерството.

„Госпоѓата Дуда е комуникативна личност. Во Полска имавме посета на педијатриска болница и посета на музеи. Овде имавме убава програма. Во Млади хаб – Канцеларијата за млади на претседателот, имавме средба со деца кои изработуваа честитки, готвевме за Ретвитни оброк, бевме во посета на Црвениот крст, Музејот на холокаустот. Беа презадоволни како беа примени во земјата,“ додава Ѓоргиевска.

Она што најчесто го подарува при официјалните средби со сопругите на претседателите се реплики на икони, изработки од срма, охридски бисер.

Неприкладно е да се облекувам во светски модни брендови, ниту можам да си ги дозволам

Не може, а да не се забележи, впечатокот кој Ѓоргиевска го остава во јавноста со нејзиниот стил на облекување во различни пригоди. За таа цел, ја советуваат професионалци, соработува со македонски дизајнери, но на шега додава дека, сепак се меша во нивната работа.

„Сите кои ме знаат, знаат дека приватно сосема различно се облекувам. Одам кон минимализам, најчесто сум облечена во црно, фармерки, едноставни комбинации, но протоколот бара да се излезе од секојдневието.

Сметав дека е најдобро да се промовираат македонските дизајнери, особено при посети во странство и кога доаѓаат странски државници овде, затоа што сметам дека модниот дизајн е дел од нашите креативни индустрии и дел од нашата уметност и култура, а голем дел од дизајнерите користат етно моменти во своите изработки.

Морам да кажам дека често им се мешам во работата, секако морам да се чувствувам пријатно во она што го носам и повторно се обидувам тоа да биде поедноставно. Се обидувам да влијаам да се промовираат и млади дизајнери, да се промовира одржлива мода, така што сето тоа е поврзано и со подобрување на економската ситуација, не само на дизајнерите, туку и на тие што изработуваат облека, тие што го изработуваат текстилот и модните додатоци.

Јас и порано не сум носела светски модни брендови и мислам дека тоа е, особено несоодветно за некој што доаѓа од држава која не е премногу богата,“ додава Ѓоргиевска.

Празниците ќе се прослават во домашна атмосфера

За Нова година и Божиќ, семејството на претседателот ќе биде дома, за како што вели Ѓоргиевска, да најдат повеќе време за да бидат заедно.

„За празниците, последните години се обидуваме што повеќе да бидеме дома и да најдеме малку повеќе време да бидеме заедно. А, и со пандемијата, сакале или не, сите сме затворени.

Многу настани се собираат, посебно пред новогодишните празници. Треба да им се посвети внимание на сите што можеме, така што малку време останува за нас. Ќе се обидеме наредните празници, барем некој ден да бидеме повеќе заедно.

Кога имам малку слободно време се посветувам на пишување учебник на Катедрата, така што, секој слободен момент, се обидувам да го вложам во тој дел. Се надевам дека скоро сите на Катедрата ќе го завршиме тој голем проект, кој бара многу работа.

Како сопруга на претседателот, имам доста ангажмани надвор од работата, но се посветувам максимално и на мојата работа со студентите, должна сум да им обрнам внимание на студентите и да не го запоставам научниот дел.

Редовно сум на катедрата и на клиниката, меѓутоа треба да се држи чекор и со науката која што, посебно во медицината, стоматологијата, со развојот на технологијата, дигитализацијата, страшно брзо се развива и ако не се оди во чекор со неа, нема да имаме успех,“ вели Ѓоргиевска.

Фото: Кабинет на претседател за еМагазин.мк

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Медицинските сестри, ветеринарните хирурзи, акушерките и фармацевтите ќе имаат признаени дипломи во земјите од Западен Балкан

Редакција

„Мрчаторите“ од Фејсбук не дојдоа на отворениот ден во Цементарница Усје, да видат дека фабриката не може да работи без филтрите

Редакција

Кој македонски оператор има најмногу претплатници на мобилен интернет?

Редакција