еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Алкалоид во 2022 планира раст на продажбата од 8% и на добивката од најмалку 7%

Алкалоид АД Скопје преку Македонската берза го објави Бизнис планот за следната година.

Бизнис-планот предвидува консолидирани продажби од над 224 милиони евра, што претставува раст од 8% во однос на очекуваните за 2021 година.

“Сегментарно, по профитни центри, 87% од консолидираните продажби се очекува да ги реализира ПЦ Фармација, а 13% ПЦ Хемија, козметика, билкарство.

Се очекува 35% од консолидираните продажби да бидат остварени на домашниот пазар, додека, пак, 65% од извоз.

Планираниот биланс на успех предвидува раст од 7% на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA).

Консолидиранaтa нето-добивка е предвидена со раст од најмалку 7% во однос на очекуваната за 2021 година“, стои во Планот.

Во него стои и дека следната година е година која ќе ја одбележи реализацијата на исклучително значајни инвестициски проекти за компанијата.

“Алкалоид започна со еден од најголемите инвестициски зафати во последниве десет години. Тоа е оформувањето нов производствен погон во Фармација – Производство на цврсти форми.

Предвидена е изведба на 2.000 м2 чисти простории, целосно во согласност со највисоките стандарди за фармацевтско производство, со законските регулативи во ЕУ и со GMP-прописите.

Планираната вредност на инвестицијата е 4 милиони евра.

Во функција на проширување на капацитетите, планирано е и снабдување со нова производствена опрема во вредност од околу 6 милиони евра.

Со ова повеќекратно ќе се зголемат прозводствените капацитети и ќе се создаде потенцијал за долгорочен, континуиран раст на продажбите, како и за нови вработувања.

Во тек е и изградба на нов објект со вкупна површина од 4.000 м2 , кој ќе ги обезбеди неопходните придружни содржини за исполнување на комплетноста на GMP-прописите во растечките производствени капацитети.

Централните гардероби ја претставуваат првата алка во синџирот на производствените услови на GMP. Планираната вредност на овој проект е 4 милиони евра.

Компанијата континуирано ги следи трендовите во енергетиката, а, наедно, заштитата на животната средина е еден од најголемите приоритети во деловната стратегија на Алкалоид. За таа цел, компанијата ќе продолжи со инвестирање во производство на електрична енергија од обновливи извори за сопствени потреби.

Алкалоид веќе има добиено лиценца од Регулаторната комисија за енергетика за производство на електрична енергија за сопствени потреби. За 2022 година планирана е изградба на неколку фотоволтаични централи со вкупна вредност од 200.000 евра“, информираат од компанијата.

Бизнис планот во 2022 година предвидува раст и од најмалку 6% на издатоците за истражување и развој.

„Следејќи ги плановите за раст и развој, во 2022 година очекуваме околу 60 нови вработувања во Алкалоид АД Скопје, како и 10-ина вработувања во друштвата во странство.

Продолжуваме со вложувањата во човечки капитал преку издвојување значителни средства за обуки и за други придобивки за вработените, наедно создавајќи предуслови за натамошно зголемување на просечната нето-плата од вработен„, велат од компанијата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Фото) Алкалоид пушти во употреба сопствен центар за едукација и за обуки

Промоција на проектот „Бенефиции за деца на вработени“ во „Алкалоид“ АД Скопје

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Одбиено барањето за апанажа на Јанева

Редакција

(Фото) Бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ избришан од Централен регистар

Редакција

92% од вработените нема да работат во недела: Владата го утврди Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи

Редакција