еМагазин
Image default
Бизнис

Осигуреник наплатил 308.000 евра штета за осигуран имот

Највисоката исплатена штета покриена со осигурување, во првите девет месеци годинава, изнесува 18,9 милиони денари (308.000 евра). Станува збор за осигуран имот на правно лице.

Во овој период кај најголемата доброволна осигурителна класа – осигурување имот се исплатени штети во вкупна вредност од 469,6 милиони денари (7,6 милиони евра), покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизја на осигурување (АСО).

Втората највредна исплатена штета е за одговорност од осигуран воздухоплов. За настаната штета од тоа осигурување се исплатени 14,3 милиони денари (232.000 евра).

Во петте најголеми исплатени штети по една е за задолжително осигурување од автомобилска одговорност, за зелена карта и за осигурување од финансиски загуби.

„По основ на задолжителна автомобилска одговорност осигурителна компанија, во овој период, исплатила 10,7 милиони денари (173.000 евра). За покривање финансиски загуби осигуреник од осигурително друштво наплатил 8,65 милиони денари (141.000 евра). За штета покриена со зелена карта осигурителна компанија на осигуреник исплатила 6,2 милиони денари (100.000 евра).

Во првите девет месеци најголемата штета исплатена за осигурани стоки во превоз (карго) изнесува 4,9 милиони денари (80.000 евра). Кај каско осигурување моторни возила по една штета биле исплатени 2,75 милиони денари (45.000 евра). Кај осигуран имот на физичко лице најголемиот износ за штета што го исплатила компанија за осигурување изнесува 2,9 милиони денари (48.000 евра),“ се вели во соопштението.

Во доброволната класа со најмногу активни договори – осигурување од незгода во првите девет месеци највисоката исплатена штета изнесува 3,6 милиони денари (58.000 евра). Кај приватното здравствено осигурување најголемата исплатена штета за овој период изнесува 615.000 денари (10.000 евра), а кај патничкото осигурување 1,4 милиони денари (23.000 евра).

Осигуреници наплатија вкупно 2,89 милијарди денари (47 милиони евра) штети од осигурителните компании за неживотно осигурување во првите девет месеци годинава.

Вкупниот износ на исплатените штети за овој период е за 422 милиони денари (6,9 милиони евра) или 17 отсто повисок во однос на истиот период лани. Вкупно 11 компании за неживотно осигурување во овој период исплатиле 55.008 штети, што е за 20 отсто повеќе од истиот период минатата година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Мода“ во загуба од 8 милиони денари

Редакција

Кој ќе го купи запленетиот имот на Груевски, еве што сè ќе се продава

Редакција

Високата цена на струјата ја зголеми цената и на градежните материјали

Редакција