еМагазин
Image default
Интервју ТОП СТОРИИ

Мојсоска Блажевски: Самит Македонија 2025 и годинава ќе опфати теми важни за нашата иднина, подобро деловно опкружување и поквалитетен живот на граѓаните

Македонија 2025 ќе се организира по десетти пат на 18 ноември (од 14 до 20.30 часот), во хибридна форма поради ковид пандемијата, вели во интервју за „еМагазин“, Никица Мојсоска Блажевски, главен извршен директор на Македонија 2025.

Се очекуваат над стотина гости публика во хотел „Мериот“ во Скопје и над 300 учесници кои преку онлајн конференциска платформа ќе го следат активно настанот. Најголем дел од говорниците ќе бидат присутни физички, на сцена, а мал дел ќе се приклучат онлајн.

„Самитот Македонија 2025 е врвен регионален настан, кој претставува платформа за споделување знаења, поврзување на бизнисите и поттикнување промени во регионот на Југоисточна Европа. Со едни од најдобрите имиња во бизнисот, науката и технологијата како наши говорници, ја градиме иднината во чекор со најразвиените земји во светот.

Минатата година, над 300 учесници го следеа настанот онлајн преку Хопин платформата, додека дел од сорджините од истиот се емитуваа и директно на Македонската радио телевизија. Веруваме дека успешно ќе ја одржиме долгогодишната традиција и дека пред нас ќе имаме уште еден успешен, иако хибриден настан,“ вели Мојсоска Блажевски во интервјуто.

На кои значајни теми ќе се осврне годинешниот Самит, имајќи ја предвид пандемијата со Ковид-19, но и општата економска и политичка ситуација?

Н.М.Блажевски: Токму така, се наоѓаме во тежок период, со бројни кракторочни предизвици меѓу кои Ковид-19 пандемијата, здравствената криза, растечки економски предизвици (инфлација, на пример), политички предизвици, а и енергетска криза. Тешко е да размислувате на подолг рок, при вакви тековни предизвици.

Но, Самитот по својата природа и традиција се фокусира на теми кои се важни за нашата иднина, за подобро деловно окружување, за подобар и поквалитетен живот на граѓаните. Самитот овозможува размена на идеи, предлози, искуства од понапредни земји и системи, создавање на „коалиции“ за промени, инспирација за подобрување и тн.

Овогодинешниот Самит покрива неколку главни теми како: можностите кои ги нуди дигиталната трансформација, како да постигнеме позелена иднина, кои земји и бизниси ќе бидат победници во иднината, жешки економски теми, а ќе сподлеиме и ултра-успешни приказни на технолошко напредни старт-апи. Притоа, сите овие теми ќе бидат вкрстени преку призмата на дигитализација и напредни технологии.

Нашата цел е да поттикнеме и поддржиме постигнување на повисоки стапки на раст и повисок животен стандард во Македонија, што е впрочем во основата на нашата организација, како и желба на секој граѓанин, секоја компанија, секој политички лидер.

Ќе понудиме и насоки и идеи за реформи во клучни области на економијата и општеството, кои би не довеле до посакуваниот резултат: поразвиена економија и подобар живот на граѓаните.

Очекуваме учество на над 400 високи претставници на институции и организации, дипломати, извршни директори, претприемачи, членови на академијата и млади лидери.

Очигледно, фокусот на Самитот е на дигитализацијата, тема за која доста се говори. Дали Македонија 2025 е активна, и имплементира програми во областа на дигитализацијата?

Н.М.Блажевски: Точно дека за оваа тема многу се говори, но сепак малку се прави. Според нас, дигитализацијата и дигиталните вештини се основа на напредокот на модерните општества. Секоја земја што има за цел да биде главен играч во глобалната економија или се стреми да ги достигне водечките земји мора да се фокусира на дигитализацијата.

Нашиот фокус кон оваа тема е резултат на процес на консултации и соработка со главните деловни лидери (четири стопански комори), главните политички партии од позиција и опозиција, академијата и невладиниот сектор. Имено, на почетокот на 2020 година, Македонија2025 подготви т.н. Платформа за просперитетна иднина.

Платформата за просперитетна иднина предлага пристап за обединување на сите засегнати страни и за поттикнување на усогласеност во однос на клучните приоритети за долгорочен развој, односно за подобра иднина на С. Македонија.

Приближувањето кон животниот стандард на ЕУ е главната цел на секој граѓанин, деловно лице, креатор на политика, која може да се постигне само преку напредок во седум клучни области: образование и човечки капитал, конкурентност (и водење бизнис), владеење на правото и корупција, демократско општество, животна средина, јавно управување и дигитализација и дигитални вештини.

Платформата го резимира контекстот на секоја од овие области и предлага неколку цели и активности за создавање на подобра иднина за земјата. На крајот, нудиме и алатка за мерење на напредокот на земјата кон исполнување на основните цели и услови за побрз економски развој и просперитет, односно тн. Матрица за мерење на економскиот напредок.

За да обезбедиме имплементација на Платформата, низ консултативен процес и средби со околу 30 лидери и засегнати страни, избравме приоритетна област во која сите веруваат и се залагаат, и за која се спремни да работат заедно кон остварување на напредок. Во тој процес, дигитализацијата ја зазема врвната позиција.

Платформата беше промовирана на Самит 2020 година, а оттогаш е формиран работен тим кој го предводиме ние заедно со Македонската академија на науки и уметности (МАНУ), се подготвуваат анализи и усвоен е план за работа на тимот. Се надевам дека заеднички ќе обезбедиме побрз напредок во оваа област.

Од оперативен аспект, ние како организација веќе имплементираме програми за напредни обуки за дигитални вештини, роботика и кодирање за млади ученици, поддржуваме млади таленти, и тн, како наш придонес кон подобра иднина за сите.

Се приближува и крајот на 2021 година. Како би ја оцениле од апсект на организацијата? Дали сте задоволни со постигнувањата?

Н.М.Блажевски: Накусо би рекла дека сум презадоволна и дека успеваме навистина да делуваме кон остварување на нашата мисија, а тоа е „да ја обликуваме иднината на Македонија преку промовирање на одржлив економски раст, што ќе ги подобри можностите за граѓаните, компаниите и странските инвеститори„.

Во 2020 година, дел од планираните активности и програми на организацијата се одложија, особено оние кои вклучуваат патувања и обуки со САД и Канада, на што отпаѓа поголем дел од нашето портфолио. Таква е Келог-Зафировски програмата за извршни директори, Лидер програмата за обука на млади претприемачи, Битов програмата за експертска поддршка на наши мали и средни преттпријатија и тн. Но, во 2021 година веќе се нормализираа работите и сите овие програми се реализираа со одреден интензитет, и најчесто во онлајн или комбиниран формат.

Но, секоја криза отвара многу можности. Многу сум горда што со тимот успеавме да започнеме и реализираме повеќе нови иницијативи. Пример, ја поставивме онлајн  платформата за поврзување на бизниси од Македонија со експерти од дијаспората, наречена Connect2MK. Две години по ред подготвуваме пресмeтка на т.н. Индекс на бирократија, чија главна цел e да се измери бирократскиот товар врз компаниите, и да се предложат мерки и реформи за намалување на истиот.

Во рамки на оваа активност продуциравме публикација „Конечен патоказ за намалување на бирократскито товар„, а подготвуваме и акциски план. Летово организиравме тн. Охрид камп за кодирање и роботика, каде 15 млади деца од Македонија и од н ашата дијаспора на возраст 11-15 години ги унапредија своите вештини за кодирање и роботика, но и се запознаа, учеа за нашата култура, и воспоставија (се надеваме) трајни врски.

Во септември ја започнавме кампањата и истражувањето под наслов „СТЕМувај како девојка„ чија цел е да мотивираме млади девојки да се запишувата на СТЕМ образование и/или да изберат СТЕМ кариера. Покрај тоа, спроведуваме истражување и за главните бариери за младите девојки да изебрат СТЕМ кариера/образование и ќе излеземе со препораки како истите да се намалат.

Активни бевме и како партнер на  Претседателскиот центар за политичко образование во рамки на кој успешно ја завршивме првата генерација на Школата за политики. И, она што особено не прави горди, во 2021 година доделивме 135 стипендии на млади лица кои се запишаа како редовни студенти на додипломски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј„ во Скопје.

Оваа работа е крунисана и со признанија и награди. Така во 2020 година ја добивме меѓународната награда за мал бизнис 2020  (Small Business Awards), каде што беше прогласена за Најдобра организација за лидерски и економски развој во Југоисточна Европа.

Исто така, бевме наградени и со Награда за филантропоја ОКО за 2019 година како Здружение/фондација за посебен придонес кон развој на филантропски практики. Очекуваме уште вакви награди, кои се инспирација за нас.

Накусо, задоволни сме со резултатите и постигнувањата оваа година и остануваме посветени на остварување на нашата мисија.

Каде можат да се регистрираат сите заинтересирани за Самитот Македонија2025?

Н.М.Блажевски: Сите заинтересирани за учество на Самит Македонија 2025 можат да се регистрираат за онлајн следење на истиот на следниот линк ОВДЕ, по навистина симболична цена од 20 ЕУР.

Ги поканувам сите да се пријават на овој настан и да остават свој белег во обликувањето на подобра, поефикасна и економски просперитетна иднина за регионот на Југоисточна Европа. За жал, местата за следење на Самитот со физичко присуство се веќе пополнети. Ве очекуваме!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Елизабета Ивановска е новиот в.д. директор на битолската болница

Редакција

(Фото) УНЕСКО ги „искорна“ палмите во Охрид

Редакција

Намалување за 33,3%: Минатата недела од Ковид-19 починале 34 лица

Редакција