еМагазин
Image default
Свет ТОП СТОРИИ

Кој е Џо Бајден, новиот претседател на САД

САД денеска добива нов претседател. Кандидатот на Демократската партија, Џо Бајден ќе стане 46. претседател на земјата.

Џозеф Робинет Бајден-помладиот е роден на 20 ноември 1942 година во гратчето Скрантон, Пенсилванија, во англиско-ирско католичко семејство, како најстар од четирите деца. Има сестра, Валери Бајден Овенс, и двајца браќа, Френсис Вилијам „Френк“ Бајден и Џемјс Брајан „Џим“ Бајден.

Сестра му Валери е еден од неговите главни соборци, менаџер на сите негови изборни кампањи, од првата за во Сенатот во 1972 година, до претседателските избори во 2020 година.

Бајден завршил основно и средно училиште во католичкото „Света Елена“ во Вилмингтон, а потоа се запишал на католичкиот колеџ „Арчмер“ во Клејмонт, Делавер. Бил капетан во неговиот клас, успешно играл американски фудбал за тимот на колеџот, а играл и бејзбол.

Според неговите мемоари, во тие години тој има проблем со силно пелтечење, но можел да се справи со него читајќи стихови пред огледало.

Во 1965 година Бајден завршил на Универзитет Делавер, дипломирал историја и политикологија. Во 1968 година завршил правен факултет на Универзитет Сиракуза, и започнал да работи како правник во Делавер.

Во текот на универзитетските денови се запознал со својата прва жена, Нејла Хантер. Стапил во брак со неа во 1966 година, и од тој брак имаат три деца: Бо, Хантер и Наоми.

На 18 декември 1972 година Нејла и Наоми загинале во автомобилска несреќа, Бо и Хантер, кои исто така биле во колата, останале повредени. Во тој момент Бајден штотуку бил избран за сенатор и планирал да се откаже од функцијата за да биде со синовите, но се предомислил.

Во 1977 година Џо Бајден се оженил за учителката по англиски јазик Џил Трејс Џејкобс. Од тој брак ја имаат ќерката Ешли.

Бајден, поранешен потпретседател на претходникот на Трамп, Барак Обама, долгогодишен сенатор и претседавач на комисијата за надворешна политика, има повеќедецениско надворешнополитичко искуство. Аналитичарите сметаат дека неговата победа на изборите носи рестартирање на традиционалните американски сојузништва, пред сѐ во Европа и Источна Азија.

Досегашните негови изјави и интервјуа укажуваат на тоа дека тој ќе се стреми кон „соработка со останатите држави кои ги споделуваат американските вредности и цели, а тоа ја прави Америка побезбедна и поуспешна,“ како што и напиша неодамна во колумна за списанието Форин аферс.

МИА/еМагазин/Фото: Фејсбук/Бајден

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Дојава за бомба и во основно училиште во Крива Паланка

Редакција

Досега 12.618 лица по вторпат се заразиле со Ковид-19, 20 починале

Редакција

(Галерија) Комерцијална банка за прв пат отвори целосно дигитализирана експозитура

Редакција