Зацврстувањето во акционерската структура во Комерцијална банка го сврте вниманието кон Ванчо Чифлиганец, еден од најпознатите бизнисмени во земјава кој преку неговата градежна компанија „Адора Инженеринг“ во неколку наврати одвои милионски суми за да стекне значителен број акции од банката и да стане нејзин најголем поединечен акционер.
Чифлиганец е одамна познат на македонската јавност како професор, пратеник, менаџер, а подоцна и како градежник и филантроп.
Тој е роден 1955 година во Радовиш, завршил Технолошки факултет и е доктор по технолошки науки.
Бил генерален директор на Рудници „Бучим“ Радовиш, како и професор на Рударско-технолошкиот факултет во Штип. Се служи со рускиот и англискиот јазик.
Во два наврати во деведесетите бил пратеник на СДСМ во Собранието на Република Македонија и бил член на Централниот одбор на партијата.
Подоцна, тој ја основа градежната компанија „Адора Инженеринг“ која станува еден од најголемите играчи на пазарот на станбени недвижнини со реализација на повеќе станбени и други проекти во повеќе градови во земјава.
Чифлиганец е познат филантроп. Фондацијата проф. д-р Ванчо Чифлиганец е основана на 15 декември 2014-та година од Адора инженеринг, како круна на нејзината корпоративна општествена одговорност и продолжение на неговата долгогодишната филантропска традиција.
Според информациите на компанијата, во текот на 17 годишното постоење, „Адора Инженеринг“ за поддршка на заедницата, вложила многу труд, љубов и средства во износ од околу 5 милиони евра.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Во Комерцијална банка 4.940 акционери, „Адора инженеринг“ најголем
Адора Инженеринг е купувачот на 15.191 акција од Комерцијална банка за кои плати 1,4 милиони евра
Фото: Фондација Чифлиганец