Владата вчера објави повик за ИТ обуки, односно со 35,1 милион денари ќе се преквалификуваат 1.253 невработени млади лица.
ИТ професионалците се едни од најбараните на пазарот и најчесто работат како фриленсери и за странски компании. Заработуваат одлично, а најчесто сами си го диктираат времето на работа.
Бројот на компаниите во овој сектор се повеќе се зголемува.
Според податоците кои ги изнесе министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски бројот на трговски друштва од ИКТ сектор изнесува околу 2.021, од кои 145 се основани во текот на првата половина на 2019 година.
Бројот на вработени изнесува околу 18.000 лица. Растот на пазарот во ИКТ индустријата во изминатите пет години е 47 проценти, а вредноста на пазарот на ИКТ е 862 милиони евра.
Платите се едни од највисоките.
Програмерите во просек примаат 65.365 денари плати, дизајнерите 44.461 и вработените во дигиталниот маркетинг 45.880 денари покажува истражувањето на македонскиот портал за информатичка и комуникациска технологија IT.mk кој спроведе опсежна анкета за состојбата на македонската ИТ работна сила.
Најголеми примања според работна позиција имаат Data Scientist со просек месечни примања од 85.422 денaри, а блиску по нив следуваат Девелоперите на мобилни апликации со просек 83.326 денари и DevOps специјалисти со 81.036.
Колку што има девелопери во домашни ИТ компании (39.10%), скоро толку има и девелопери кои работат во претставништво на странска компанија во Македонија – (38.78%).
Анкетата покажа голема полова разлика во оваа дејност – 80.96% машки наспроти само 19.04% претставници од женскиот пол.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Објавен повик за ИТ обуки: Со 35,1 милион денари ќе се преквалификуваат 1.253 невработени млади лица