еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Комерцијална банка за 77,7% ја зголеми добивката во првото полугодие

Во првото полугодие од годинава Комерцијална банка АД Скопје оствари позитивен финансиски резултат во износ од 2.003,3 милиони денари наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 1.127,3 милиони денари, што претставува зголемување за 77,7%, информираа од таму преку Македонската берза.

-Планираната бруто-добивка за првото полугодие од годинава е остварена со 131,4%. Притоа, остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 50,4% поголема во однос на истиот период минатата година.

Зголемувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од зголемувањето на приходите од редовно работење, односно од нето-приходите од камати кои бележат значително зголемување што се должи на континуираниот пораст на основната каматна стапка на Народната банка и на каматните стапки на странските финансиски пазари, во комбинација со структурата на активата на Банката.

Зголемувањето на каматните стапки е резултат на напорите за намалување на инфлацијата на светско ниво.

Позитивниот резултат од работењето Банката го оствари во услови на зголемена неизвесност поврзана со случувањата на меѓународните финансиски пазари (особено заради случувањата во банкарските системи во САД и Швајцарија), сѐ уште висока инфлација која бележи одредено забавување, како и натамошно затегнување на монетарната политика, велат од таму.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 3.300,3 милиони денари и бележат зголемување од 32% во однос на истиот период од минатата година.

-Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 30.06.2023 година истите бележат зголемување од 82,1% во однос на истиот период од минатата година, под влијание на затегнатата монетарна политика и зголемените каматни стапки.

Притоа треба да се укаже дека најголемо влијание во зголемувањето на каматните приходи има порастот на каматата од нерезиденти, финансиски друштва и држава. Иако е остварен пораст и на приходите од камати на кредитите дадени на правните лица и населението, истиот е во помал обем споредено со претходните категории.

На пример, зголемувањето на каматните приходи остварени од финансиските друштва, каде доминираат пласманите во благајнички записи и депозитите во НБРСМ, се единаесеткратно поголеми, а кај нерезидентите, каде доминираат пласманите во странски банки се речиси деветкратно поголеми од приходите остварени во истиот период минатата година.

Во првото полугодие од минатата година започна циклус на затегнување на монетарната политика преку зголемување на каматните стапки, како во ЕУ и САД, така и кај нас. Така, каматната стапка Euribor, која во првата половина од 2022 година беше околу 0% или негативна, оваа година достигна околу 3,5 % – 4%.

Кај благајничките записи, каматната стапка започна да се зголемува во април 2022 година и на 30.06.2022 година изнесуваше 2%, додека на 30.06.2023 година истата достигна 6%.

Истовремено, Народната банка ги зголемуваше каматните стапки на депозитите пласирани преку ноќ и до 7 дена, при што истата се зголеми од 0,40% и 0,45% соодветно во јуни 2022 година, на 3,90% и 3,95% соодветно во јуни 2023 година.

Каматната стапка на државните записи од 0,40% се зголеми на 4%, или 5,25% кај двегодишните државни обврзници, па сѐ до 7% кај последната еврообврзница.

Исто така, просечната пондерирана каматна стапка на депозитите во странски банки со состојба 30.06.2023 година, споредено со истиот период минатата година, е зголемена од 1,50% на 4,22%.

Токму затоа, во билансот на Банката, приходите од камати кај финансиските друштва и нерезидентите збирно, се значително поголеми од приходите од каматите кај населението.

Исто така, збирните приходи од каматите кај финансиските друштва, нерезидентите и државата се поголеми од приходите од камати кај правните лица. Банката ги оствари овие резултати благодарение на структурата на активата, во која над 55 % од пласманите се во парични средства, 2 парични еквиваленти и пласмани во хартии од вредност, што влијаеше на одржување на висока ликвидност и профитабилност од каматни приходи.

Како резултат на ваквите движења, нето-каматната маржа на ниво на Банката се зголеми од 2% заклучно со крајот на првото полугодие од минатата година, на 3,43% со 30.06.2023 година.

Нето приходите од провизии и надоместоци на 30.06.2023 година изнесуваат 538,2 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од 4,7%. Планот за анализираниот период е остварен со 89,5%.

Нето приходите од курсни разлики на 30.06.2023 година изнесуваат 181,5 милиони денари и бележат зголемување од 36, %, како резултат на одржувањето на отворената девизна позиција (ОДП) на ниво кое овозможуваше да се максимизираат нетопозитивните курсни разлики од тековно работење без да се загрозат исполнувањето на вкупните капитални барања и потребите за девизи на клиентите, а исто така одредено влијание во оваа позиција има и евидентирањето на курсните разлики од арбитражи на девизен пазар и со странство, кои во истиот период минатата година се евидентирани во останати приходи/останати расходи, соодветно. Планот за анализираниот период е остварен со 149,4%.

Останатите приходи од работењето на Банката на 30.06.2023 година изнесуваат 166,6 милиони денари и бележат намалување од 68,6% во најголем дел како резултат на помалиот износ на наплатени претходно отпишани побарувања, како и поради извршена измена на евидентирањето на приходите од девизно работење, кои од 01.01.2023 година се евидентираат во позицијата курсни разлики. Планот е остварен со 51,3%, велат од таму.

Оперативните расходи за периодот 01.01. – 30.06.2023 година изнесуваат 1.028,8 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година се зголемени за 3,9%, како резултат на зголемен износ на плати и други трошоци на вработените поради зголемување на вредноста на бодот во два наврати (кон крајот на 2022 година и во вториот квартал од 2023 година), како и зголемената амортизација, посочуваат од таму.

-Планот е остварен со 98,4 %. Во периодот од 01.01.- 30.06.2023 година, Банката прокнижи загуба поради оштетување на нефинансиските средства на нето основа во износ од 1,4 милиони денари, во согласност со регулативата од НБРСМ.

Во извештајниот период Банката прокнижи исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансни изложености на нето основа во износ од 266,8 милиони денари, наспроти 375,9 милиони денари во истиот период минатата година. Намалувањето кај исправката на вредност на финансиските средства е во согласност со намалувањето на цените на енергенсите во изминатиот период, што влијаеше за повторно нормализирање на работењето кај одредени компании, клиенти на Банката, велат од таму.

Вкупната актива на Банката на 30.06.2023 година достигна износ од 155.895,8 милиони денари и во однос на декември 2022 година бележи зголемување од 3,3%.

-Зголемувањето на вкупната актива се должи на зголемувањето кај вложувањата во хартии од вредност, како и поради зголемените кредити на комитенти и зголемените кредити и побарувања од банки. Планот е остварен со 101%.

Паричните средства и паричните еквиваленти бележат намалување од 5,6%, во најголем дел заради намалувањето кај орочените депозити во странски банки до 3 месеци (како резултат на достасани депозити и нивно орочување на подолги рокови), како и намалувањето кај девизните тековни сметки во странски банки поради пренасочување на средствата во вложување во хартии од вредност. Планот е остварен со 92,3%.

Средствата за тргување бележат зголемување од 1,3 % како резултат на купени акции.

Кредитите на и побарувањата од банки бележат зголемување од 210,9 %, кое се должи главно на зголемените девизни депозити од 3 месеци до 1 година во валута УСД. Планот е исполнет со 307,3%.

Кредитите на и побарувањата од други комитенти бележат зголемување од 3,3% како резултат на зголемено кредитирање на секторите домаќинства и нефинансиски друштва. Планот е остварен со 101,2%.

Вложувањата во хартии од вредност се зголемени за 18,6% главно како резултат на запишани континуирани државни обврзници во денари, запишани државни записи, купени македонски еврообврзници и државни обврзници издадени од нерезиденти. Планот е остварен со 114,9%.

Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања се зголемени за 55,9% по основ на платен данок на промет, но истите имаат минимално учество во вкупната актива од 0,05%.

Обврските по кредити изнесуваат 688,2 милиони денари и се намалени во однос на декември 2022 година за 1,4%, како резултат на нето-ефектот од нови повлекувања и отплатени доспеани рати од кредитните линии. Планот е остварен со 112, %.

Акционерскиот капитал и резервите на Банката со состојба 30.06.2023 година достигнаа износ од 16.431,6 милиони денари и во однос на декември 2022 година бележат зголемување од 5,7% како резултат на зголемените останати резерви и зголемената задржаната добивка согласно Одлука за распределба на добивката за 2022 година, донесена од Собранието на акционери на 29.03.2023 година. Планот е реализиран со 99,5%, велат од таму.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Колку пари чувале граѓаните и фирмите во Комерцијална банка во првото полугодие

Колкави плати имале лани Ванчо Чифлиганец и Фатмир Етеми: Комерцијална банка ги објави примањата на членовите на НО

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Регистрацијата на возилата поскапува за 15%, зголемена е цената на осигурувањето

Редакција

„Виз ер“ е меѓу првите десет најбезбедни нискобуџетни авиокомпании

Редакција

Груевски нема да одговара за „Траекторија“ поради застареност на делото, трошоците ќе ги платат граѓаните

Редакција