Остварената оперативна добивка во првите шест месеци од годината на Мермерен комбинат АД Прилеп е во износ од 234.316 илјади денари. Споредено со остварената оперативна добивка за истиот период во 2019 година во износ од 479.912 илјади денари, истата бележи намалување од 51.2%, информира компанијата преку Македонската берза.
“EBITDA за периодот од 1 јануари до 30 јуни 2020 година изнесува 304.684 илјади денари наспроти остварениот износ од 540.158 илјади денари истиот период од изминатата година, или намалување за 43.6%.
Крајниот резултат по оданочување за првиот семестар од 2020 година е позитивен и изнесува 233.553 илјади денари наспроти остварената добивка за истиот период од минатата година од 430.389 илјади денари и покажува намалување од 45.7%.
Оперативните расходи изнесуваат 381.039 илјади денари и се пониски за 2.3% во однос на истиот период од минатата година.
Мермерен Комбинат АД Прилеп (“Друштвото”) за периодот од 1 јануари до 30 јуни 2020 оствари приходи од продажба во износ од 470.928 илјади денари што претставува намалување за 39.2% споредено со истиот период од изминатата година“, информираат од компанијата.
Од таму информираат дека „корона“ кризата влијаела на работењето на комбинатот.
“Намалувањето на продажбата, а особено извозот, се припишува на наметнатите забрани за влез на странци во државата, со што се оневозможи физичко присуство на купувачите за проверка и избор на производите.
Намаленото производство во дел се припишува и на намалената работна сила поради ослободување од работни задачи на одредени категории на вработени согласно препораките и мерките на Владата за спречување на внесување и ширење на коронавирус Ковид-19.
Доцнење во спроведувањето на инвестицискиот план, набавка на опрема, потрошен материјал, резервни делови и др.
Во насока на намалување на последиците од намалената продажба, се воведоа алтернативни начини за презентирање на производите на купувачите/инспекторите. Наместо физичко присуство на купувачите, се воведоа интернет алатки и технологија, како што се високо квалитетни фотографии/видеа и телеконференции“, велат од комбинатот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Намалена добивката на прилепски „Мермерен комбинат“
Теодорос Апостолопулос поднесе оставка од Управниот одбор на „Мермерен Комбинат“