еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Корупција, користење на дупки во законите, економска неизвесност на глобален план-се главни проблеми за работа на германските компании во државата

Справување со корупцијата, криминалот, владеење на правото, политичка и социјална безбедност, ефикасна администрација, добра инфраструктура бараат германските инвеститори во државата, покажува анкетата на Македонско-германското стопанско здружение, а која се однесува на деловната клима за 2021/2022 година.

„И компаниите водени од македонски и германски претприемачи се во иста каша, и затоа во заеднички интерeс е подобрување на условите за работа и справување со корупција,“ истакна германскиот заменик-амбасадор Ото Граф.

Дупките во законите, потенцираат од Делегацијата на германското стопанство, отвораат врата за корупција и оттука, многу е важна хармонизацијата на законскиот систем.

Недостатокот на стручен кадар е еден од најголемите проблеми, бидејќи како што истакна Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство, државата може да ги обезбеди сите законски услови, но ако нема работна сила, ни тоа не помага.

Сепак, како позитивни страни компаниите ги истакнале продуктивноста на вработените и платежниот морал.

Анкетата исто така покажува дека 70 проценти повторно би инвестирале, но 30 проценти од нив, би се преселиле во Србија, Турција, Тунис, Мароко, а до пред војната, и во Украина.

Проблемот со енергенсите, недостаток на суровини и нивна испорака остануваат вистински предизвик за компаниите во следниот период, кој е глобален проблем.

Според Мартенс, најтешко е да се предвиди, во која насока ќе се движи економијата, имајќи ги предвид случувањата на глобалната сцена. Многу е важна и улогата на Кина, односно, отворање на пристаништата кои се затворени поради ковид-пандемијата.

Анкетата покажува дека дури 96,4 отсто од компаниите се соочуваат со зголемени трошоци за енергија и репро-материјали. Дури 64,3 отсто од компаниите очекуваат прекин во глобалниот синџир на снабдување, а 46,4 отсто веќе се соочуваат со недостиг на материјали кои им се потребни за производство.

Да дојде до прекин на производството очекуваат 28,6 отсто и исто толку испитаници очекуваат да има пад во нарачките. До нарушување на трговската размена очекуваат да дојде 25 отсто, а само 14,7 отсто очекуваат дека војната ќе предизвика губење на деловни партнери.

Само 13,8 отсто очекуваат до крајот на 2022 година да дојде до нормализирање на меѓународниот синџир на снабдување, а 55,2 отсто очекуваат тоа да се случи дури во 2023 година.

Во однос на трговската размена во 2021 година од Македонија во Германија се извезени добра во вредност од 3,474 милијарди евра, увозот од Германија беше 1,244 милијарди евра, додека вкупната трговска размена изнесуваше 4,719 милијарди евра и е зголемена во споредба со 2020 година за 907 милиони евра.

Она што е ветувачки за македонските компании посебно во текстилната индустрија, е што од 1 јануари 2023 година, во Германија ќе почне примена на Закон за синџир на добавувачи, а тоа би значело дека германските компании повеќе нема да можат да соработуваат со фабрики кои ги кршат основните човекови права. Се очекува, голем дел од нив, да го преселат производството, од земји каде што реално има експлоатација на работна сила, експлоатација на деца, и каде што нема основни услови за работа.

Фото: Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Ѓоргиев: Има смислени тенденции да се нарушуваат периодите на добри односи меѓу Скопје и Софија

Редакција

Трпчески за еМагазин: Македонија ја славиме како што треба да биде свесна дека заслужува, си ги знаеме корените и само треба да ги почитуваме и промовираме

Силвана Жежова

ВМРО-ДПМНЕ се подготвува за избори: Можни датуми 25 ноември, 2 декември, 9 декември или на пролет

Редакција