еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Ковачевски тврди дека македонскиот идентитет е обезбеден засекогаш

Првиот чекор кон нашата европска иднина е направен, а нашиот тридецениски сон е на дофат. Денеска е денот кога почнуваме да пишуваме ново поглавје во македонската историја. Поглавје на забрзан развој, просперитет и стабилност, рече на прес-конференцијата премиерот Димитар Ковачевски по првата Меѓувладина конференција во Брисел.

Според премиерот, за реализација на оваа стратешка цел, донесени се тешки одлуки кои бараа лидерство и храброст, мудрост и одговорност.

-Граѓаните на С Македонија се најзаслужни за денешниот ден. Тие не се предадоа пред ниту еден предизвик, пред планини тешки отстапки и компромиси за да го исполнат својот сон за припадност во европското семејство. Ние решивме да се соочиме со сите наши стравови и да донесеме храбри одлуки за иднината, а не да останеме заложници на минатото, рече Ковачевски.

Премиерот појасни дека се донесени патриотски одлуки во интерес на иднината на нашите деца и државата.

-Не постои поголем патриотизам од јасната визија и план за иднината, залагањето за просперитетот на државата и сите граѓани. Ја донесовме и конечната одлука со која обезбедивме зачувување и зацврстување на македонскиот идентитет, македонскиот јазик, култура и посебност, потенцираше Ковачевски.

Премиерот е дециден дека Европската Унија нè прифаќа како Македонци кои говорат македонски јазик, со безусловно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ и неговите идентитетски, историски и културни особености. Ова, како што рече, е обезбедено засекогаш. За овие нешта ниту се преговара ниту ќе се преговара.

-Уверен сум дека од овој процес граѓаните ќе излезат како победници, дека сите ние заедно ќе излеземе посилни, постабилни и забрзано ќе чекориме напред кон заедничка поперспективна иднина.

Уверен сум дека контиунираната помош која Европската Унија ќе ја обезбеди во наредниот период, ќе овозможи македонските граѓани и економија да добијат конкретна и реална поддршка, за европската реалност да ја живееме денес и на вистински начин, рече Ковачевски.

Нашите стремежи, потенцира премиерот, се европските вредности и принципи на слобода, демократија, еднаковст како и владеење на правото. Ние сме, како што рече, природно поврзани со Европската Унија, а од сега и заеднички ќе се развиваме и ќе го развиваме и регионот.

-Градиме пријателство. Посветени сме кон изнаоѓање заемно прифатливи решенија, затоа и сега гордо стоиме рамо до рамо со нашите партнери во Европската Унија. Делиме исти вредности, а од сега ќе делиме и европска иднина, иднина во која сите наши особености, специфики, традиција, култура, обичаи, ќе бидат автентично наши, македонски, споделени со сите наши пријатели во ЕУ. Тоа е она што и нас и ЕУ ќе не направи побогати, појасни Ковачевски.

Тој додаде дека Македонија економски, политички и општествено ќе се развива, а граѓаните ќе имаат повисок квалитет на живот со високи стандарди и почитување на законите.

-Време е за обединување, за заедништво, за оптимизам, за верба во подобро утре. Но, пред се, за посветена работа, за да развиеме силна, успешна и просперитетна европска држава, и за ефикасно и брзо интегрирање во Унијата.

Време е новото сонце на слободата да изгрее и да ни го осветли патот за храбро, посветено и бестрашно да погледнеме кон иднината, и брзо и одлучно да го оствариме нашиот сон. Време е за нови и заеднички победи, потенцираше Ковачевски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

На патот кон ЕУ нема да го загубите својот идентитет, тврди Борел

Фон дер Лајен гарантира дека договорот за Фронтекс ќе биде преведен на македонски јазик

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

66.8 милиони денари за плати и надоместоци за менаџментот на Гранит лани

Редакција

Левица го блокираше законот за медиуми со кој пет национални телевизии за владини реклами ќе поделат неколку милиони евра

Редакција

Во Скопје продолжува средбата на македонските и бугарските историчари од заедничката Комисија

Редакција