Кристина Арнаудова Петровски е автор на „Проект куќа со Кристина“, хуманитарен телевизиски проект, кој ќе се емитува на телевизија „Телма“ во недела на 19 септември.
Преку овој проект на семејства во социјален ризик, со деца кои живеат во тешки услови, комплетно им се реновираат домовите и се создаваат услови за барем достоинствен живот.
Кристина, која е познат и признат хуманитарец во нашето општество со овој проект почнала да се занимава уште во 2020 година, но корона-кризата ја усложни и одолговечи реализацијата. Се соочувала со низа предизвици, за на крај да се види светлото на овој проект.
„Емисијата е од таков тип што има за цел да поттикне вклучување на општеството и компаниите особено оние кои се најголеми и остваруваат најголеми профити. Но, реалноста е дека иако цела година упатувам апели и барања писмени и усни, нашето општество не е навикнато да се вклучува во вакви проект.
Убаво ни е кога гледаме некој во странство како го прави тоа, но кога ќе дојде кај нас не го поддржуваме. Јас правам се што е во моја можност, а дали ќе успеам до крај и дали ќе преживее овој проект не зависи од мене,“ вели Кристина во изјава за „еМагазин“.
До сега, најпозната емисија за македонските граѓани за реновирање на домовите на социјално загрозените семејства е „Работна акција со Тамара“, која се емитуваше во Србија, но се пренесуваше и кај нас.
„Разликата помеѓу овој проект и останатите од овој тип проекти познати на балканските простори е во тоа што „Проект куќа“ нема спонзори кои редовно донираат во секој дом, ниту пак стабилен буџет наменет за изградба, туку за секој нареден дом се бараат нови донатори, нови мајстори, се мотивира и буди општествената одговорност кај компаниите и физичките лица преку апели за донирање и воопшто преку апел до целото општеството за вклучување со расположливите средства во проектот,“ додава Кристина.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ