еМагазин
Image default
Интервју ТОП СТОРИИ

Лара Трпческа за „еМагазин“: Најважно е да се забавуваме, но и да не заборавиме на одговорноста и честа што Македонија ја претставуваме на Детска Евровизија

Лара, Јован и Ирина денеска заминаа во Ереван, Ерменија, каде што на 11 декември ќе ја претставуваат Македонија на Детска Евровизија.

Со песната „My life ahead of me” („Животот е пред мене“) веќе ги освоија срцата на странската публика.

За македонските претставници може да гласате на линкот во петок на 9 декември, со старт во 20 часот.

Пред да заминат, Лара Трпческа во интервју за „еМагазин“ вели дека пред заминувањето возбудата растела, а последниве денови пред патувањето најмногу ги посветиле на костимографијата со која што ќе настапат во Ереван.

Редовно ја повторуваат и кореографијата, а Трпческа има и дополнителни вокални вежби.

Дали постои одреден вид на возбуда, трема? Дали сте запознаени со агендата што ве очекува по пристигнувањето во Ерменија, бидејќи таму всушност почнуваат главните подготовки, настапи, претставување на државата?

 Возбудата и позитивната трема се присутни на секој настап, без разлика дали е заеднички или индивидуален. Кога имаш можност да го споделиш задоволството, се е поубаво и на некој начин полесно. На пример, првичната идеја беше јас да одам сама на аудицијата во МРТ, а Ирина како другарка да биде дел од пратечките вокали.

Но, заради правилата и краткото време, одлучив да се пријавиме двете, за сепак да сме заедно, токму заради дружбата. Додека пак со Јован се запознавме кога почнаа подготовките за Ереван, и не се знаеме многу долго време, исто како и со нашите танчерки, Мила и Сандра. Меѓутоа, одлично се вклопивме.

Кога има убава енергија во групата и кога уживаме во она што го правиме, тремата и возбудата има можност да се надминат, иако да бидам искрена никогаш целосно не исчезнуваат. Во Ерменија заминуваме на 4 декември, а се враќаме дури на 12 декември и ќе имаме една многу забавна недела.

Деновите ќе ги поминеме сигурно најмногу во вежбање, со тоа што ќе имаме две професионални проби на сцената, за да бидеме спремни за главниот настап, додека пак времето што ќе ни остане ќе го  поминуваме во забава сите заедно, имајќи шанса да направиме и кратка посета на Ереван.

Стоите пред предизвикот да ја претставувате државата, што е огромна чест, но и одговорност. Како се носите со овие чувства?

 Претставувањето на Македонија, токму така, е едно големо задоволство, но и голема одговорност. Меѓутоа ако многу се оптоваруваме и сме напнати и под стрес, тоа нема да ни олесни. Од моето искуство најважно е да се препуштиме и да уживаме во моментот, и да се забавуваме, нормално без да ја заборавиме одговорноста во ниеден момент.

Песната на јутјуб има 227К прегледи, дали сте задоволни од одзивот на публиката?

– Тоа што песната има веќе толку прегледи значи дека и се допаѓа на публиката, исто како и нам, и беше многу убаво прифатена за брзо време, на најспонтан и природен начин без никакви форсирања, што мене, се разбира, ме прави посебно среќна, затоа што вложивме многу труд, љубов и радост во „Животот е пред мене“ и мислам дека успеавме да ја пренесеме и пораката, но и убавата енергија, преку нашиот видео запис.

Која е пораката до публиката која сакате да ја испратите, освен онаа дека може да гласаат на jesc.tv од 9 декември (петок) до 11 декември?

– Како што гласи и самата порака на песната, треба сите да уживаме во секој нов ден, има надеж, има можност на секое поле, и особено на младите генерации им порачуваме да уживаат во животот што е се уште целиот пред нив, а секако во одреден период од него, ќе не стигне и љубовта.

Песната исто така испраќа порака за надеж, подобар и посреќен свет. Во каков свет сакаш да живееш? Каков свет возрасните треба да им остават на младите, и што треба младите да направат за да создадат уште подобар свет?

– Во овој свет во кој што живееме ние денеска, времето многу брзо поминува и сите сакаат што побрзо да пораснат. Јас мислам дека треба да уживаме во моментите на детството и да не го кратиме предвреме затоа што ќе бидеме возрасни во секој случај, па зошто да не уживаме во него и во работите што можеме да ги правиме за време на него, затоа што никогаш нема да можеме повторно да сме деца или тинејџери во нашата возраст, и после може да ни е жал што не сме уживале доволно и не сме правеле некои одредени работи што сме можеле додека сме биле деца.

Токму тоа е и дел од нашата порака. Да уживаме во моментите на детството и на младоста, затоа што животот е пред нас и имаме време за се останато.

„Симпатична песна за симпатиите“ гласи еден од коментарите за песната, ајде приватно, имаш ли симпатија?

– Симпатија се уште немам, рано е😊.

Дали твојата популарност се зголеми помеѓу твоите врсници, и дали тоа ти пречи, кога одиш на училиште, кога излегуваш?

– Уште кога официјално се објави дека ќе бидам македонската претставничка на Детската Евровизија оваа година голем дел од другарите во училиште многу се израдуваа, а особено откако излезе песната многу ме поддржуваат, многу им се допадна и на нив и на наставниците и набрзо стана хит, а некој ден пред да заминеме, кога требаше да се поздравам со сите, ме испратија пеејќи ми ја.

Дури и надвор од училиште се има случено да ме поздрават дечиња кои што ја слушаат и и се радуваат на песната, а кога ќе ме запознаат радоста им се гледа во очите што мене ме прави да се чувствувам навистина среќно и исполнето.

Во еден од тие предизвици на социјаланите мрежи Lets see how much we have in common заедно со полската претставничка, откриваш дека сакаш шпагети, море, лето, книги, повеќе преферираш дома отколку во хотел, во што друго уживаш кога немаш никакви обврски, што сакаш да правиш во слободно време?

– Во слободно време најмногу од се сакам да читам. Читањето ме релаксира и влегувам во поинаков свет, или поинаква приказна, и ми дозволува за момент да избегам од реалноста и да се посветам на книгата.

Во читањето уживам најмногу, додека пак понекогаш сакам да гледам и филмови и серии, или сама или со моите браќа, а уживам во секој момент поминат со нив.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Нови 296 случаи на Ковид-19 од 3.480 тестирањa

Редакција

“Рекет“ “удри“ и на предметите на СЈО за кои во тек се судења

Редакција

Проф. Трајковски: Подваријантата на омикрон може да доведе само до допрележување на преостанатите чувствителни, не и до враќање на епидемијата на почеток

Редакција