Лидерите на земјите членки на Г-20, во завршната декларација од заклучоците од Самитот во Буенос Аирес, ја потврдија нивната посветеност во борбата против нееднаквоста и поддршката на малите и средните претпријатија.
– Ќе промовираме мерки со цел поттикнување на микро, мали и средни претпријатија и претприемачи, премостување на дигиталната родова нееднаквост и поонатамошната дигитална инклузија, поддржување на заштитата на потрошувачите и подобрување на дигиталното управување, инфраструктурата и мерењето на дигиталната економија, се наведува во декларацијата.
Во заклучоците се наведува и дека лидерите на Г-20 го препознаваат значењето на врската меѓу трговијата и дигиталната економија.
– Ќе продолжиме со работењето на вештачката интелигенција, новите технологии и новите работни платформи, се порачува во декларацијата на Г-20.
Исто така, се укажува на тоа дека инфраструктурата е клучниот двигател на економскиот просперитет, одржливиот развој и инклузивниот раст.
– За да го отстраниме трајниот расчекор во финансирањето на инфраструктурата, ја потврдуваме нашата посветеност на привлекување на повеќе приватен капитал поради вложување во инфраструктурата, се наведува во декларацијата, каде се најавува напредок во 2019 година по прашањето за квалитетот на инфраструктурата.
Лидерите на Г-20 го истакнаа значењето на технолошкиот напредок кој носи економски просперитет.
Во текстот се укажува и на значењето на лесниот пристап до образование, како човеково право и стратешка област на јавната политика за развој на поинклузивни, попросперитетни и помирни заедници.
МИА/Фото: g20.org