Линеарното намалување на акцизите и даноците значи целото население подеднакво да се заштити. Доколку Буџетот има такви средства и капацитет тоа да го поднесе, тогаш тоа би била мерка за сите граѓани на државата, смета претседателот на Советот за високо образование и стратешки истражувања во Стопанската комора, Глигор Бишев.
Според него, за време на криза која предизвикува раст на цените и инфлација, прашањето е како тоа што е помалку произведено и што е помалку за потрошувачка, да се распредели. Во пазарните економии, нагласува Бишев, тоа го прави пазарот, преку механизмот на цените.
– Секојпат кога има криза предизвикана од економски или неекономски фактори, тоа значи дека има кусок на производство, кусок на стоки и услуги. Тоа, пак, значи дека потрошувачката ќе мора да се сведе во други рамки. Очигледно кризата е толку голема што предизвикува и раст на цените, инфлација.
Во такви услови, прашањето е како тоа што е помалку произведено и што е помалку за потрошувачка, треба да се распредели. Во пазарните економии, тоа го прави пазарот преку механизмот на цените и од тој аспект, другите механизми на распределба од минатото, де факто не даваат никакви резултати.
И тука, клучното прашање е како да се заштитат ранливте категории на населението, оние со низок животен стандард, а тоа е работа на социјалната и буџетската политика. На тој план, загушувањето на пазарниот механизам може да даде многу понегативни резултати.
Значи, мора да се остави, и во такви услови, пазарот да функционира, а ранливите категории, оние што се најпогодени, да бидат заштитени со соодветна социјална политика, изјави Бишев, кој денеска беше на отворање на Програмата за развој на стартап бизниси во Стопанската комора.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Добрата Влада, лошите трговци и загрижените граѓани
МИА/Фото: Унсплеш