еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

Махери за „валканштина“

Автор: Тодор Стојчевски

Ма, ние Македонците, сме вистинско чудо. Сорта и половина… Искрено, веќе не си ни чудам кога другите соседи не оспоруваат. Па, луѓе мои, па ние сами ќе си се изедеме. Сами ќе си пропаднеме во сопствената „валканштина“. Махери сме и најдобронамерната идеја да ја претвориме во пепел. Да ја уништиме во зародиш, да не и дадеме да пркне, да не и дадеме да ја покаже својата крајна ефикасност.

Тодор Стојчевски

Јавноста два дена се занимава со приказната за „За татковината со љубов“? Идеја на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Идеја во едно советодавно тело да членуваат економските умови во државата и БЕСПЛАТНО, советодавно, да и помогнат на државата.

Па луѓе мои. До кога вака? Никој во државава не зборува дали тие личности во советодавното тело се експерти за економија или не се?

Дали тие личности имаат можност и капацитет да придонесат кон реализација на идејата или не?

Дали токму тие личности, на каков било начин, ќе ја извадат земјава од Ковид-провалијата?

Дали и како да се обезбедат повеќе пари за здравството и битката со невидливиот непријател, за образованието и иднината на нашите деца, за судството кое треба да им суди на прекршителите, за полицијата која секојдневно е на улиците, за војската. За живејачката воопшто?

Не, никој тоа не го прашува.

Сите, со чесни исклучоци, се фатија за тоа дали некои експерти биле членови на некои партии, дали биле членови на некаков си режим и што ли уште не? Дневно-политички битки за поен плус денес. За тоа што го правеле во политичкиот ангажман, секој што се огрешил, ќе сноси одговорност.

Но, тоа на ниту еден начин не може да им ја одземе економската експертиза, доколку ја имале и ја имаат. Претпоставка е дека ја имаат бидејќи голем дел од членовите на ова тело се познати на македонската јавност како експерти по економија. Или се експерти за вселенска геодезија, кои ќе не „лансираат“ кон нашата погиб.

На никому не му значи тоа што сите тие луѓе прифатиле да ја дадат својата експертиза бесплатно. Да и помогнат на државата во тешки времиња. Да ги надминат своите партиски определби во мигови кога Татковината ја бара нивната поддршка.

И наместо да им дадеме поддршка што ќе се потрудат да не се задолжуваме повеќе, да не се зголемува бројот на невработени, да имаме повеќе пари за социјалните случаи, ние ги обвинуваме што сакале да помогнат. Еј чудна сорта сме!!!

Истата гладијаторска битка до себеуништување ја гледаме и во надворешната политика. Предизвикот Бугарија. Се повикува на одговорност, на оставки, на предизвикување хаос. Наместо целокупната енергија да ја спакуваме во тоа да се изгради државна стратегија и да се настапи унисоно, заеднички и на крај сите како граѓани да излеземе победници од битката, ние сами војуваме против себе.

И очекуваме нашите политички претставници кои не претставуваат пред светот во решавање на овој неочекуван предизвик да имаат полн капацитет да ги штитат националните интереси.

Очигледно ние граѓаните секогаш бираме власт само за да имаме со кого да се караме, каде да ја насочуваме нашата пакост, кому да му кажеме дека не го бива, дека ни мисли само лошо, дека мисли само за себе… Па неверојатно. За кого да се борат? За оние што постојано напаѓаат, бараат раска во окото, бараат трн во ногата.

За крај само едно може да констатирам: Историјата ни ја уништува денешницата. Историјата ќе ни ја изеде иднината. Сето ова ќе биде историја ако не се избориме со сите предизвици на денешницата.

СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНАТА НЕ СЕ СТАВОВИ И НА РЕДАКЦИЈАТА НА ЕМАГАЗИН

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Првите вакцини преку КОВАКС во Македонија ќе пристигнат во март

Редакција

Пребројани 221.000 гласачки ливчиња: Пендаровски води пред Силјановска Давковка

Редакција

Маржата на некои овошја и зеленчуци била и до 200%, ќе следи замрзнување на цените

Редакција