еМагазин
Image default
МАКЕДОНСКО ТОП СТОРИИ

Македонија денеска прославува 32 години независност

Пред 32 години на денешен ден, над 95 проценти од граѓаните на референдум се изјаснија за самостојна и суверена држава, Република Македонија.

Претходно, на 25 јануари 1991 година, беше усвоена Декларацијата за независност од првото повеќепартиско македонско Собрание, а два дена подоцна пратениците го избраа Киро Глигоров за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија.

Важни чекори за утврдување на државноста беа усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година, монетарното осамостојување и воведувањето на денарот на 26 април 1992, формирањето на сопствени вооружение сили.

Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година, кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации (ОН), беше примена како 181. полноправна членка на Светската организација.

Поради противењето и притисоците од страна на Грција, која не го прифаќаше уставното име на Република Македонија, зачленувањето во ОН беше под привремената референца: Поранешна Југословенска Република Македонија.

Низ 32-годишното самостојно опстојување, државата помина низ низа проблеми и тешкотии. Троцифрената инфлација на почетокот на 90-те години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза и конфликтот во 2001 година беа вистински предизвици и закани за младата македонска држава што го забавија нејзиниот пат.

Спорот со Грција поради името, по долгогодишни разговори под покровителство на Обединетите нации, конечно беше решен на 17 јуни 2018 година во Преспа со попишување договор меѓу двете држави. Со тоа се отвори патот на земјава кон НАТО и ЕУ.

На 27 март 2020 година Македонија стана 30 членка на НАТО.

Како земја кандидат за членство во ЕУ веќе 18 години, со добиена прва препорака за почеток на преговори во 2009 година, државава сега се соочува со блокада од Бугарија.

Почна процесот за промена на Уставот, што е услов Бугарија да го тргне ветото за продолжување на преговарачкиот процес со Унијата. За да почне земјава да отвора кластери во преговорите со ЕУ Софија бара Бугарите да бидат вклучени во Уставот.

Во Собранието минатиот месец почна пленарната седница за усвојувањето на амандманите за уставни измени, но поради потребното двотретинско мнозинство за кое власта нема поддршка од опозицијата, продолжението ќе се одржи, како што е најавено, тогаш кога ќе се создадат соодветни услови.

Триесет и вториот роденден државата го одбележува со стапка на невработеност од 13,1 процент, раст на БДП од 2,5 отсто, 36.527 денари просечна нето плата и инфлација од 8,3 отсто.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Владата ќе го развива руралниот туризам преку проект „50 села, 50 приказни”

Редакција

Црквите и џамиите да се затворат поради коронавирусот: Верниците можат и дома да се молат

Редакција

Браво: Нема веќе политички огласи на Твитер

Редакција