еМагазин
Image default
ДОБРОСОСЕДСТВО ТОП СТОРИИ

Македонија и Косово продолжуваат со интензивни билатерални односи без отворени прашања

Македонија и Косово продолжуваат да имаат конструктивни и интензивни билатерални односи, без отворени прашања, со соработка во многу области од взаемен интерес.

Ова било констатирано на денешната средба меѓу претседателите на парламентите на Македонија и на Косово, Талат Џафери и Глаук Конјуфца.

Џафери на заедничката прес-конференција со Конјуфца по средбата, истакна дека двајцата собраниски спикери го поддржуваат одржувањето на втората меѓувладина седница помеѓу двете држави.

„Го информирав дека во Собранието е ратификуван Договорот за соработка во туризмот додека во собраниска процедура се законите за соработка во однос на дијаспората, за статусот на припадниците на нашата Армија и на Безбедносните сили на Република Косово за време на стационирањето на териториите на двете држави и за партнерството во контекст на грант договорите за техничка помош во рамките на ИПА програмата.

Тука мислам на искористувањето на ИПА фондовите во насока на отворање на нови гранични премини и модернизирање на веќе постојните,“ рече Џафери.

Собранискиот спикер ја понудил нашата помош од искуството што го имаме во насока на постигнување на евроатланските аспирации.

„С Македонија дава силна поддршка за либерализација на визите за граѓаните на Република Косово и ја поздравуваме одлуката на амбасадорите на земјите членки на ЕУ да му дадат мандат на Европскиот совет да преговара во процесот на либерализација за Косово.

Имаме афирмативен став за пристапувањето и членството на Република Косово во сите регионални иницијативи и мултилатерални организации, затоа што сметаме дека тие форуми се единствените и најсоодветни места каде може да се придонесе во развојот на регионот и чувањето на мирот и стабилноста во регионот и пошироко,“ нагласи Џафери.

Во однос на дијалогот Приштина-Белград, дополни Џафери, нашиот став е ист како и претходно, целосна поддршка до постигнување на конечен договор, прифатлив за двете страни, договор со кој ќе се гарантира мирот, стабилноста, безбедноста и напредокот на двете земји и на целиот регион.

„Се разбира, постигнатиот договор за регистарските таблички со посредство на ЕУ е акт кој што влијае на намалувањето на тензиите на северот на Косово и е позитивен знак и поттик за продолжување на преговорите се до нормализирање на односите меѓу двете земји.

Во контекст на економската соработка како дополнителен поттик на понатамошниот напредок на билатералните односи, го поддржуваме целосно,“ рече Џафери.

Конјуфца исто така нагласи дека неговата посета е во насока на интензивирање на пријателството и добрата соработка што ја има меѓу двете земји.

„Односите меѓу Косово и С Македонија се соодветен пример за добрососедство. Поминаа 13 години откако С Македонија ја призна независноста на Косово и оттогаш на секое ниво ја потврдувале нивната заложба за признавање и добрососедство во сите области.

Оваа врска не е само формална, туку и пријателска врска, бидејќи се работи за тесни и роднински односи меѓу народите на двете земји,“ рече Конјуфца.

Косово, како што додаде, тежнее кон тоа кон што тежнее и Македонија, а тоа е полноправното членство во ЕУ.

МИА/Фото: Фејсбук/Џафери

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Доктор Кунгуловски: Непрележаните и невакцинираните ќе продолжат да ги полнат болниците, се додека не стекнат некаков имун одговор

Редакција

(Видео) Граѓани ја блокираа Дрисла: Следуваат тужби и блокада на Град Скопје

Редакција

Данска ги олесни ковид-правилата за влез на македонските државјани

Редакција